Линкови за пристапност

Трамп: Сигурен сум дека Иран наскоро ќе сака да разговара


Претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека „нема никакви судири“ во неговата политика за Блискиот Исток и дека додека тензиите со Иран продолжуваат, тој е „сигурен дека Иран наскоро ќе сака да разговара.“

Трамп одговори на извештаите на Вашингтон пост и Њујорк тајмс во врска со судирот на мислења во неговата администрација меѓу оние кои сметаат дека Иран презел јасни чекори на подготовки за напад врз американските сили и други официјални лица, вклучувајќи и некои од европските сојузници, кои тврдат дека иранските потези се дефанзивни мерки на претпазливост како одговор на акциите на САД кон Иран.

„Изразени се различни мислења и јас донесувам конечна одлука“, напиша Трамп во порака на Твитер. „Опфатени се сите страни, ставови и политики.“

Трамп минатата година одлучи да се повлече од меѓународниот договор за ограничување на нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите, и примени нови ограничувања за иранскиот нафтен и банкарски сектор во обид да го промени однесувањето на иранската влада.

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, изјави дека „ескалацијата од страна на САД е неприфатлива и непријатна“, и дека и покрај повлекувањето на САД од нуклеарната спогодба, Иран применува „максимална воздржаност“.

Соединетите Американски Држави им наредија на своите службеници кои не се најнеопходни да ја напуштат амбасадата во главниот град на Ирак, Багдад, како и конзулатот во Ирбил. Администрацијата на Трамп предупреди на закани за американските сили од страна на Иран или терористите поддржани од Иран.

Овој потег предизвика остри реакции на Капитол Хил.

„Постојат само две причини да се нареди нивно заминување: кога има веродостојни разузнавачки информации дека нашите луѓе се изложени на ризик или има подготовки за воена акција во Иран“, рече највисокиот демократ во Комисијата за надворешни работи на Сенатот, Роберт Менендез од Њу Џерси. „Администрацијата на Трамп до комисијата не приложи разузнавачки информации врз кои се темели ваквата одлуки или информации што планираат да направат во Ирак или Иран.“

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG