Линкови за пристапност

Трамп нареди разгледување на Договорот за нуклеарната програма на Иран


Целта е да се види дали укинување на санкциите спрема оваа земја е во интерес на националната безбедност на САД

Претседателот Доналд Трамп од Советот за национална безбедност побара да го разгледа Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, за да се оцени дали укинување на санкциите „е од витално значење за националните безбедносни интереси на САД“.

Државниот секретар Рекс Тилерсон намерата на претседателот му ја достави на спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, во писмена форма.

Тилерсон го информираше Рајан дека се` до денеска, Иран ги исполнува обврските од „Заедничкиот сеопфатен акционен план“, договорен во 2015-та година, по преговорите со САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија и Германија.

„Но, без оглед, Иран останува водечка држава - спонзор на тероризмот преку бројни платформи и методи“, напиша Тилерсон.

Договорот е фокусиран главно на нуклеарната програма на Иран и наводите дека развива нуклеарно оружје. Иранската влада на неколкупати ги негираше ваквите обвинувања.

ОН, како и поединечни држави, вклучувајќи ги и САД, воведоа економски санкции врз Иран, во обид да извршат притисок да се откаже од нуклеарните амбиции.

Чекорот на САД за повторно воведување на санкциите врз Иран, можно е да резултира земјата да се повлече од договорот.

„Иран подвлекува дека ако дојде до повторно целосно или делумно воведување санкции, ќе го смета како основа за неисполнување на обврските согласно договорот“, стои во тој договорот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG