Линкови за пристапност

САД повторно воведоа економски санкции кон Иран


Одлуката беше соопштена по три месеци откако претседателот Доналд Трамп ги повлече САД од меѓународниот договор за ограничување на нуклеарната програма на Техеран

Претседателот на САД, Доналд Трамп повторно воведе економски санкции против Иран. Мерката ќе стапи на сила денес на полноќ. Трамп тврди дека иранското раководство е „убиствена диктатура која продолжува да шири крвопролевање, насилство и хаос“.

Одлуката беше соопштена по три месеци откако Трамп ги повлече САД од меѓународниот договор од 2015-та година со кој се ограничуваше иранската нуклеарна програма. Новите санкции се насочени кон автомобилскиот сектор, секторот за благородни метали, иранската валута и други финансиски трансакции.

Трамп кажа дека на 5-ти ноември САД исто така ќе ги обноват санкциите за трансакциите поврзани со енергетскиот сектор, како и за трансакциите кои ги вршат странските финансиски институции со Централната банка на Иран.

Американскиот претседател кој е на работен одмор во неговото голф одморалиште во Бедминстер, сојузната држава Њу Џерси повторно го нападна меѓународниот договор од 2015-та година, нарекувајќи го „ужасен, едностран договор“ кој „не успеал да ја постигне основната цел за блокирање на можностите Иран да развие нуклеарна бомба,“ истовремено давајќи му на Техеран пристап до финансиски средства откако биле укинати претходните санкции.

„Откако беше постигнат договорот, агресијата на Иран само се зголеми“ рече Трамп. Тој рече дека Иран ја искористил можноста од „пристапот до нови средства“ за да може „да развие ракети способни да носат нуклеарно оружје, да финансира тероризам и да поттикнува конфликти низ Блискиот исток и пошироко“.

Тој додаде: „До денешен ден, Иран се заканува на САД и на нашите сојузници, го поткопува меѓународниот финансиски систем и поддржува тероризам и милитантни групи низ целиот свет.“

Во Вашингтон, виши претставници на администрацијата на Трамп велат дека и покрај тоа што критичарите на повлекувањето на Трамп од договорот со Иран предвидуваа дека унилатералните американски санкции кон Техеран би биле неефикасни, реалноста се покажа поинаква.

„По три месеци, имаме многу поинаква слика пред нас“, повисока стапка на невработеност „протести, социјални проблеми и незадоволство на работниците“ вели владин американски претставник.

Според друг официјален претставник, речиси 100 меѓународни компании објавиле дека имаат намера да го напуштат иранскиот пазар, особено во енергетскиот и финансискиот сектор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG