Линкови за пристапност

САД ќе бараат Европа да ги намали инвестициите во Иран


Американски официјален претставник рече дека врвен приоритет на САД по излегувањето од Договорот за иранската нуклеарна програма ќе биде да извршат притисок врз европските држави за намалување на инвестициите во иранската економија.

Заменик помошникот државниот секретар на САД задолжен за Блискиот исток, Ендру Пик го даде коментарот во разговор со Персиската редакција на Гласот на Америка. Тој рече дека администрацијата на Трамп ќе им соопшти на европските сојузници дека постојат „вистински проблеми поради деловните врски кои го зајакнуваат“ иранскиот режим. Пик рече дека еден од проблемите е што Револуционерната гарда на Иран го засилува влијанието во иранската економија и се дава поголем пристап на пари на официјален Техеран за да продолжи со непријателските активности во странство.

„Ќе ги охрабриме да ги намалат инвестициите“, рече Пик, мислејќи на европските земји кои соработуваат со Иран.

Излегувањето на САД од договорот веќе ги наруши плановите на европските производители на авиони Ербас и АТР за продажба на авиони во Иран. Националната авионска компанија Иран аир веќе нарача 100 патнички авиони од Ербас и 20 од АТР, како и 80 од американскиот производител Боинг.

Секретарот за финансии, Стивен Мнучин, рече дека како дел од обновувањето на санкциите, САД ќе ги укинат лиценците кои им дозволуваат на трите компании да ја направат продажбата. Европските договори за продажба на авиони зависат од американските лиценци поради тоа што нивните компании користат американски делови во производството.

Пик додаде дека администрацијата на Трамп е загрижена заради продажбата на патнички авиони на Иран заради тоа што Техеран ги користи за своите воени активности во Сирија.

Иран негира дека ги користи патничките авиони за воени цели.

Пик рече дека Вашингтон не очекува Техеран да ја прифати понудата на Трамп за преговори за нов договор во скоро време.

Иранскиот претседател Хасан Рухани изјави дека Иран во следните неколку недели ќе се консултира со европските сили, Русија и Кина за да утврди дали е во ирански интерес Техеран да остане во договорот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG