Линкови за пристапност

Американецот кој исчезна во Иран работел за ЦИА, според медиумски извештаи


Наводно собирал податоци за група аналитичари која немала овластување да води операции во странство.

Асошиетед прес и Вашинтон пост јавуваат дека Американецот Роберт Левинсон, кој пред речиси седум години мистериозно исчезна во Иран, бил во дива операција за ЦИА. Агенцијата и весникот тврдат дека пензионираниот агент на Федералното истражно биро (ФБИ) собирал разузнавачки податоци за група аналитичари на ЦИА која немала овластување да води операции во странство.

Левинсон исчезна во март 2007-ма, додека бил во посета на иранскиот остров Киш. Семејството и американски владини лица велат дека се работело за приватно, деловно патување.

Мухамед Хусеин Агаси, иранскиот адвокат на семејството Левсинсон, денес за Гласот на Америка изјави дека правниот процес пред иранската влада е базиран на премисата дека Левинсон влегол во Иран од приватни причини. Тој кажа и дека иранските претставници не му кажале дека Левинсон е шпион.

Но, според денес објавените медиумски извештаи, Левинсон всушност се обидувал да собере разузнавачки податоци во Иран од Давуд Салахудин, кој се бара за убиство на ирански дипломат во САД во 1980-та и кој има блиски врски со иранското раководство.

Портпаролката на американскиот Совет за национална безбедност Кејтлин Хајден не сакаше да коментира дали постои поврзаност меѓу Левинсон и владата, но сепак кажа дека американски официјални лица извршиле силен притисок да не се објавуваат медиумските извештаи поради загриженост за неговата безбедност. Таа рече и дека САД и натаму се посветени на тоа да го најдат Левинсон и да го вратат дома. САД понудија награда од 1 милион долари за информација што ќе доведе до негово безбедно враќање.
XS
SM
MD
LG