Линкови за пристапност

Иран негира дека знае што се случило со исчезнатиот агент на ФБИ, по информациите дека тој е мртов


Белата куќа изјави дека верува оти Боб Левинсон починал во иранско заложништво пред извесно време

Техеран негира дека знае каде се наоѓа пензионираниот агент на ФБИ Роберт Левинсон, откако САД побараа целосно објаснување за тоа што се случило со него, за кого се верува дека починал како заложник на Иран.

„Ставот на Иран отсекогаш бил дека официјалните лица не знаат каде се наоѓа господинот Левинсон, и оти тој не е во заложба на Иран. Tие факти не се променети“, изјави Иранската мисија во Обединетите нации.

Оваа изјава уследи по реакцијата на Белата куќа, во која се вели дека администрацијата на САД верува оти Боб Левинсон починал пред извесно време.

„Иран мора да обезбеди комплетен преглед за тоа што се случи со Боб Левинсон, пред САД целосно да прифатат овој случај“, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа Роберт О`Браен, за случајот на пензионираниот ФБИ агент, кој исчезна пред 13 години, на 58-годишна возраст.

Пред оваа изјава, семејството на Левинсон објави на социјалните медиуми дека добиле информација од Владата на САД, за тоа што најверојатно се случило.

„Неодамна добивме информација од американските официјални лица, што не` наведе и нам и нив да заклучиме дека нашиот прекрасен сопруг и татко починал во иранско заложништво“, соопшти семејството на Левинсон, додавајќи:

„Не знаеме кога или како починал, само дека било пред пандемијата на КОВИД-19“.

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека не прифаќа оти тој е мртов, велејќи дека многу му е жал за семејството на Левинсон, и оти се` уште има некоја надеж дека можеби е жив.

„Не изгледа добро, но, тие не ни кажале дека е мртов, иако многу луѓе мислат дека тоа е случај“, рече Трамп.

Левинсон исчезна во март 2007 година, откако отпатувал на островот Киш во Иран. Во тоа време, тој имал договор за работа со ЦИА.

САД многу пати побараа Иран да помогне да го лоцираат Левинсон и да го вратат дома, но, иранските официјални лица велат оти немаат информација за неговата судбина.

Сепак, откако тој исчезна, ирански медиум, поврзан со Владата, објави информација дека тој се наоѓа во рацете на Иранските безбедносни сили.

Семејството на Левинсон рече дека тој сега ќе бил жив, да не биле суровите постапки на иранскиот режим.

„Како тие што се одговорни во Иран можат ова да му го направат на човек, додека го лажат светот цело време. Тоа е несфатливо за нас. Тие киднапираа странски државјанин, без да му дозволат основни човекови права. Неговата крв е на нивни раце“, рече семејството.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG