Петте преостанати земји потписнички на Иранскиот нуклеарен договор се согласија да воспостават специјален систем за наплата, со кој на компаниите ќе им се овозможи да продолжат да тргуваат со Иран, преку заобиколување на новите санкции од Соединетите Американски Држави.
Претставниците на Британија, Франција, Германија, Русија, Кина и на Иран, од седиштето на Обединетите нации најавија „Специјален правен механизам“ во рамките на Европската унија.
Земјите потписнички велат дека новиот механизам ќе ги олесни платежните трансакции поврзани со иранскиот извоз, вклучувајќи ја и нафтата.
Федерика Могерини, шефицата на европската дипломатија, во изјава за медиумите, истакна дека новиот правен механизам ќе им овозможи на земјите-членки на ЕУ „основа за легитимни олеснети финансиски трансакции со Иран. Ќе им дозволи на европските компании да ги продолжат трговските односи со Иран, во координација со законите на Европската унија и истиот би можел да биде отворен и за други партнери од светот“.
Могерини истакна дека финансискиот договор е склучен со цел да се одржи договорот постигнат во 2015-та година, со кој Техеран се обврза да ја намали својата нуклеарна програма, во замена за олеснување на економските санкции.
Договорот беше склучен за време на претседателствувањето на Барак Обама со САД.
Но, неговиот наследник Доналд Трамп во мај годинава одлучи да ги повлече САД од спогодбата, со објаснување дека Договорот не ја санкционира иранската програма на балистички проектили.
Facebook Forum