Линкови за пристапност

Старбакс магнатот може да има големо влијание на претседателските избори во САД


Милјардерот Ховард Шулц, кој најави дека како независен кандидат ќе влезе во трката за претседател на САД, иако со мали изгледи за победа, може значително да влијае на изборниот резултат, одземајќи од гласовите како на демократите, така и на Трамп

Најавата на поранешниот извршен директор на корпорацијата „Старбакс“, Ховард Шулц, дека како независен кандидат планира да влезе во трката за претседател на САД, внесе неочекуван пресврт во кампањата за 2020 година.

Некој како Шулц има потенцијал да одземе дел од гласовите на другите. Но, победа? Тоа ми е тешко да го замислам.
Кајл Кондик, Центар за политика при Универзитетот на Вирџинија

Милјардерот Шулц, кој е способен и очигледно подготвен да ја финансира кампањата, може значително да влијае на претседателската трка, иако има мали изгледи за победа.

Најавата на Шулц предизвика различни реакции ширум земјата и особено го привлече вниманието на оние кои бараат алтернатива на двопартискиот систем.

Најзагрижени се демократите кои стравуваат дека Шулц би можел да одземе од гласовите на нивниот кандидат и со тоа да ги подобри изгледите за реизбор на Трамп, и покрај падот на неговиот рејтинг на анкетите.

По потекло од Бруклин, Шулц (65), заработи милијарди на Западниот брег, претворајќи ја малата кафе-компанија во Сиетл во голем синџир со повеќе од 28.000 продавници ширум светот.

Патем, тој стана сигурен донатор на Демократската партија, нарекувајќи се себеси „доживотен демократ“.

Тоа, сепак, се промени.

Во серија телевизиски настапи, Шулц ги критикуваше двете големи политички партии, посочувајќи дека мнозинството на Американци не се добро опслужени од страна на „републиканците и демократите“.

Иако Шулц се уште не излегол со детали за неговата политика, се чини дека зазема позиција на средината, согласувајќи се со републиканците за некои економски и фискални прашања, но и со демократите за многу социјални прашања.

Тој остро ги критикуваше предлозите на демократите програмата за здравствено осигурување Медикер да се прошири на сите Американци, и да се зголемат даноците за богатите така што ќе се подигне маргиналната стапка на највисоките заработки или покрај приходите ќе се оданочува и богатството.

Во изјава за Си-Ен-Ен тој ја отфрли идејата за Медикер како „неамериканска“. Во интервју за Националното јавно радио плановите на демократите за даноците ги нарече „смешни“.

Но, има и многу прашања за кои Шулц цврсто стои на страната на неговата поранешна партија. И натаму го поддржува правото на абортус и на хомосексуалните бракови, залагајќи се и за построга регулација на огненото оружје. Тој, исто така, го поддржува давањето на државјанство на имигрантите кои немаат документи, а се залага и за агресивна акција во борбата против климатските промени.

Шулц смета дека неговата мешавина на политички позиции ќе го привлече она што често го нарекува „тивко мнозинство“ на независни гласачи кои се незадоволни од двете големи партии и сакаат да поддржат независен кандидат.

Но, иако 40 проценти од гласачите се самоидентификуваат како независни, студиите покажуваат дека најголем дел од нив силно преферираат една или друга партија.

Да се мисли поинаку е „неверојатно наивно“, вели Кајл Кондик, од Центарот за политика при Универзитетот на Вирџинија. „Тоа би било многу несофистицирано разбирање на американскиот електорат“, додава тој. „Некој како Шулц има потенцијал да одземе дел од гласовите на другите. Но, победа? Тоа ми е тешко да го замислам.“

Всушност, коментаторите и припадниците на двете партии во Шулц не гледаат толку потенцијален претседател, колку што гледаат противник кој ќе им одземе дел од гласовите.

„Неговото присуство во трката ја зголемува несигурноста“, вели Сет Маскет, директор на Центарот за американски политики на Универзитетот во Денвер. „Ако дојде до тесна реизборна трка, а сметам дека ќе дојде до тоа, неговите гласови можат да бидат разликата помеѓу реизбор или пораз на Трамп.“

Во 2020 година голема е веројатноста дека некој независен кандидат само би ги поделил гласовите кои се против Трамп и на крај тој ќе биде реизбран.
Мајкл Блумберг, Поранешен градоначалник на Њујорк

Доколку реши да се посвети на претседателска трка, Шулц ќе се приклучи на голема листа на аутсајдери кои се обиделе да го пореметат двопартискиот систем кој што доминира во американската политика од крајот на Граѓанската војна.

Најуспешен независен кандидат бил Џорџ Волас во 1968 година. После него за издвојување е кандидатурата на тексашкиот бизнисмен Рос Перо, кој исто како Шулц самиот се финансирал.

Неговиот ефект на претседателската трка во 1992 година се дебатира до денес. Во центарот на контроверзата е прашањето дали Перо му помогнал на Клинтон да ја добие претседателската функција одземајќи гласови од Џорџ Х.В. Буш.

Други примери на кандидати од трета партија се од 2000 и 2016 година.

Изборите во 2000 година се сведоа на изборот во сојузната држава Флорида каде републиканецот Џорџ В. Буш и демократот Ал Гор имаа разлика од 0,01 процент во гласовите.

Во таа трка активистот за правата на потрошувачите, Ралф Надер, беше кандидат на Зелената партија. Доби 2,74 проценти од гласовите на национално ниво.

Во поново време кандидатката на Зелената партија, Џил Стејн, во 2016 година можеби им наштетила на шансите на демократката Хилари Клинтон во клучните трки во Мичиген, Висконсин и Пенсилванија. Во сите три сојузни држави, Клинтон беше поразена од републиканецот Трамп за помалку гласови отколку што доби Стејн.

Со оглед на ваквите искуства, потенцијалот на Шулц да им одземе дел од гласовите ги загрижи демократите.

Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, кој ја разгледува кандидатурата од Демократската партија, вели дека ја истражувал и можноста за независна кандидатура, но верува дека од тоа корист би имал само Трамп.

„Во 2020 година голема е веројатноста дека некој независен кандидат само би ги поделил гласовите кои се против Трамп и на крај тој ќе биде реизбран“, рече тој. „Податоците се многу јасни и доследни. Со оглед на реалноста на изборниот систем и приоритетот кој им се дава на партиите, нема начин да победи независен кандидат. Тоа сега е вистина повеќе од било кога досега.“

Но, не се сите убедени дека кандидирањето на Шулц ќе им нанесе штета само на демократите.

„Мислам дека најприродната изборна единица за некој како Шулц би се состоела од богати, бели, образовани гласачи во предградијата, од кои некои можеби се оддалечуваат од Републиканската партија“, рече Кондик. „Можеби тие нестрпливо гласаа за Клинтон во 2016 година или за Трамп. Можеби гласаа за трет кандидат, а можеби некои од тие гласачи ќе бидат отворени да гласаат за некој како Шулц.“

Блумберг смета дека Шулц всушност може да му наштети на Трамп исто толку колку што може да му наштети на кандидатот на демократите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG