Линкови за пристапност

Активисти ќе делат бесплатна марихуана за време на инаугурацијата


Главната порака е дека е време да се легализира марихуаната на федерално ниво - велат организаторите

Група поддржувачи на иницијативата за легализирање на марихуаната, планираат бесплатно да поделат илјадници цигари што ја содржат оваа дрога – "џоинти", за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, на 20-ти јануари.

Коалицијата за марихуана во Вашингтон, ќе започне со делењето на цигарите во 8 часот наутро на западниот дел од "Дупонт сркл" (Dupont Circle), каде оваа дрога за рекреативни цели е легализирана. Потоа, група граѓани ќе се упатат кон Националното шеталиште, каде се планира да започне вистинскиот протест.

Во точно 4-та минута и 20-та секунда од инаугуративното обраќање на Трамп, илјадници демонстранти ќе ги запалат овие цигари. 420 важи за познат код за марихуаната.

"Главната порака е дека е време да се легализира марихуаната на федерално ниво", вели Адам Ајдинџер, основач на Ди-Си-Ем-Џеј (DCMJ), група жители на Вашингтон, кои ја претставија и помогнаа во усвојувањето на иницијативата за легализирање на оваа дрога.

Иницијативата, усвоена во 2014-та година, значеше легализирање на поседување на до речиси 57 грама марихуана. Легално е растението да се одгледува, да се даде некому, но не и да се продава. Воедно, се смета за илегално да се користи (да се запали "џоинт") на федерален посед, а Националното шеталиште е федерално земјиште.

"Сметам дека е добар протест. Доколку некој сака да го стори тоа, ризикува да биде уапсен, но сепак, ова е протест, а Националното шеталите е место за тоа", изјави Ајдинџер.

XS
SM
MD
LG