Линкови за пристапност

Трамп ги поддржува предлог мерките за имиграцијана Претставничкиот дом


Претседателот на САД вчера се сретна со републиканските законодавци

Претседателот на САД Доналд Трамп на состанокот со републиканските законодавци соопштил дека ги поддржува имиграционите мерки што се разгледуваат во Претставничкиот дом.

Состанокот се одржа во време кога продолжува критиката врз администрацијата на Трамп во врска со политиката за одвојување на деца од нивните родители на јужната граница со Мексико кои се обидуваат илегално да влезат во САД.

Според заменикот портпарол на Белата куќа, Раџ Шах, Трамп „ги поддржал двете мерки за имиграција во Претставничкиот дом во кои се предвидува изградба на ѕид, затворање на законските пропусти, укинување на лотаријата за зелена карта, укинување на т.н. синџир на миграција, разрешување на граничната криза и проблемот со одвојување на семејството, дозволувајќи семеен притвор и отстранување“.

Републиканскиот конгресмен, Марк Медоус рече дека Трамп на законодавците им рекол дека треба да сторат нешто во врска со имиграцијата уште „веднаш“.

Претседавачот на Комисијата за домашна безбедност на Претставничкиот дом, Мајкл МекКаул ја опиша средбата со Трамп како одлична и потврди дека претседателот го прифатил предлог-законот што го предложиле тој и конгресменот Боб Гудлејт.

„Претседателот стои илјада проценти зад тоа“, рече МекКаул.

Запрашан дали законската регулатива ќе го прекине одвојувањето на семејствата, тој одговори: „Тие нема да бидат одвоени ако се усвои законот“, за кој тој објасни дека предвидува 18 милијарди долари за ѕидот со Мексико.

Претставничкиот дом ќе треба да гласа за двете мерки подоцна неделава. Не е јасно дали некоја од мерките ќе добие доволно гласови за да биде усвоена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG