Десетици илјади луѓе ширум САД, во саботата излегоа на протести против политиката „нула толеранција“ на САД, која доведе до одвојување на децата од нелегалните имигранти.
Претседателот Доналд Трамп, вчера на неговиот Твитер профил напиша: „Кога луѓе доаѓаат нелегално во нашата држава, ние мора веднаш да ги вратиме назад, без да треба да поминеме неколку години во правни маневри. Нашите закони се најлоши во светот. Републиканците сакаат силни граници, без криминал. Демократите сакаат отворени граници и се меки во однос на криминалот“.
Организаторите на протестите, вклучувајќи ги и групите што ги организираа масовните женски маршеви во последните две години, помогнаа во координацијата на повеќе од 600-тини демонстрации низ американските градови, вклучувајќи ги Вашингтон и Њујорк.
Организаторите велат дека добиле силна поддршка од мајките, кои се противеа на политика на Трамп за одвојување на децата од нивните родители на границата меѓу САД и Мексико.
Во Вашингтон, креаторот на мјузиклот „Хамилтон“ Лин Мануел Миранда, испеа песна за родителите, кои не можат да им пеат на нивните деца пред заспивање.
Собирите, кои беа наречени „Семејствата треба да останат заедно“, добија финансирање и поддршка од неколку големи организации, вклучувајќи ја Американската унија за граѓански слободи и MoveOn.org.
Со политиката „нула толеранција“ властите почнаа да ги аспат сите имигранти, кои се фатени како незаконски влегуваат во САД. По притисокот од јавноста, Трамп ја прекина политиката на одвојување на децата од родителите.
Facebook Forum