Линкови за пристапност

Реакции по одлуката на Трамп да стави крај на политиката „нула толеранција“


Претседателот потпиша извршна наредба да се стопира одвојувањето деца од нивните родители на границата со Мексико

Демократите реагираат дека претседателот Доналд Трамп можел да ја промени политиката на „нула толеранција“ во секое време, по неговото вчерашно потпишување извршна наредба, со што стави крај на одвојувањето деца од нивните родители на границата со Мексико.

Трамп ја запре праксата само неколку дена откако изјави дека нема моќ за промени.

Со недели упатуваше повик до Конгресот да најде алтернатива за децата кои се раздвојуваат од родителите кои пак, се приведуваат откако илегално ќе ја поминат границата.

„Кога претседателот ќе каже дека нема ингеренции да го стори тоа, тој не ја кажува вистината. Вистината е дека и` наложи на неговата администрација да спроведува политика на „нула толеранција“, што е срамно за оваа нација“, изјави Ненси Пелоси, лидерка на малцинството во Претставничкиот дом.

Само неколку дена претходно, Трамп нагласи дека неговите можности се ограничени.

„Имаме две опции да одговориме на кризата. Или ќе ги ослободиме сите членови на нелегалните имигрантски семејства, кои се појавуваат на границите со Централна Америка, или ќе ги уапсиме само возрасните за федерален престап со илегално влегување во земјата“, рече Трамп тогаш.

Но, јавното мислење е против неговата политика. Речиси два спрема еден.

Дури 22 проценти од жените, кои се битни за претстојните делумни конгресни избори, велат дека не ја поддржуваат политиката на Владата.

Сега, фокусот е врз Конгресот, кој треба да гласа за имиграциона реформа, и има мали шанса да усвои закон, кој е на иста линија со барањата на претседателот.

„Важен е закон што ќе добие поддршка од претседателот. Прашањето е дали треба да се игра политика, или народот да биде пред политиката“, изјави кевин Мекарти, лидер на мнозинството во Претставничкиот дом.

Трамп и републиканците се борат за секој глас за усвојување на законот, кој овозможува пат до постојан статус за друга група имигранти - 800.000 недокументирани млади луѓе, кои биле донесени во САД како деца.

Дури и ако законот обезбеди доволно гласови во Претставничкиот дом, патот до неговото усвојување во Сенатот е уште понерамен.

Тоа значи, долгорочното решение за имиграцијата веројатно нема да се најде на маса на претседателот за неговиот конечен потпис.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG