Линкови за пристапност

САД се закануваат со санкции кон Меѓународниот кривичен суд


Минатата година судот во Хаг побара судско овластување за истрага за наводите за несоодветно однесување на американски воени лица во Авганистан

Американската администрација се закани со санкции, ако Меѓународниот кривичен суд во Хаг спроведе истрага за наводите за сторени воени злосторства од страна на американски воен и разузнавачки персонал во Авганистан.

Се очекува во говорот кој американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон треба да го даде во Вашингтон тој да искаже цврст став кон судот и дека Меѓународниот кривичен суд не треба да има јурисдикција врз американските државјани и врз државјаните од држави кои никогаш не го ратификувале договорот кој го создал самиот суд.

Меѓународниот кривичен суд започна со работа во 2002-ра година и беше создаден како постојана и независна институција која треба да ги истражува воените злосторства и злосторствата против човештвото и геноцидот.

Во нацрт текстот на Болтон се вели дека САД нема да соработуваат со Меѓународниот кривичен суд и дека ако се покрене истрага за американските активности во Авганистан, администрацијата на Трамп ќе ги разгледа можностите за забрана за патување, замрзнување на средства и можно судење во американските судови за судиите и обвинителите вклучени во истрагата.

Минатата година, обвинителката од Меѓународниот кривичен суд, Фату Бенсуда, побара судско овластување за истрага за наводите за несоодветно однесување од страна на воените припадници и ЦИА во Авганистан.

Наводните воени злосторства вклучуваат извештаи од тајни центри за притвор во Авганистан и на територија на други нации кои се дел од Меѓународниот кривичен суд, во периодот од 2003-та и 2004-та година.

Пентагон се противи на можната истрага и рече дека тие ги почитуваат правилата на водење војна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG