Линкови за пристапност

САД официјално се повлекоа од Советот за човекови права на ОН


Американската амбасадорка во ОН Ники Хејли изјави дека Советот предолго ги заштитувал оние што ги прекршуваат човековите права

САД официјално најавија дека излегуваат од Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) велејќи дека повеќе не вреди да се биде дел од оваа организација.

На заедничка прес конференција во Стејт департментот со државниот секретар Мајк Помпео, американската амбасадорка во ОН Ники Хејли изјави дека „предолго Советот за човекови права бил заштитник на оние што ги прекршуваат човековите права, и место за политичка пристрасност“.

Хејли го обвини Советот дека има негативен став кон Израел.

Рече дека САД изминатата година се обиделе да го реформираат Советот, но, без резултати.

„Погледнете го членството на Советот, и ќе видите непочитување на повеќето основни човекови права“, изјави Хејли, потенцирајќи ги случаите на злоупотреба во Венецуела, Кина, Куба и Демократската Република Конго.

Помпео се согласи со ваквите тврдења, додавајќи дека функционирањето на Советот е бесрамно лицемерие.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека „генералниот секретар претпочитал САД да останат во Советот за човекови права“, нагласувајќи дека Советот игра многу важна улога во промоција и заштита на човековите права ширум светот.

Група 12 невладини организации, меѓу кои „Фридом хаус“, испратија писмо до Помпео, изразувајќи големо разочарување од ваквата одлука која, како што велат тие, може да се одрази врз структурата и операциите на Советот.

„Отсуството на САД само ќе допринесе за намалување на моќта на Советот“, се вели во писмото.

Генералното собрание на Обединетите нации го формираше Советот во 2006-та година со 47 земји, со цел да се промовираат и заштитат човековите права во светот, и да се адресира нивното прекршување.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG