Американските технолошки компании се обидуваат да изградат стратегија како да се постават во врска со продажбата на производи на кинескиот телекомуникациски гигант Хуавеи. Претседателот Доналд Трамп за време на самитот на Групата 20 во Јапонија објави дека тој се согласил да им дозволи на американските технолошки компании да продолжат со продажбата на производи на Хуавеи.
Неделава советникот за трговија во Белата куќа го минимизираше она на што се согласила американската администрација, велејќи дека САД ќе „дозволат продажба на чипови на Хуавеи кои не влијаат на националната безбедност“.
Неизвесноста ја зголеми и виш претставник на Одделот за трговија кој за Ројтерс изјави дека Хуавеи ќе продолжи да биде на црната листа.
Политиката се` уште еволуира
Во мај, администрацијата на Трамп го стави Хуавеи на забранетата листа, наведувајќи ја како причина загриженоста за националната безбедност во врска со 5-Г технологијата.
Американските компании кои сакаат да продаваат технологија на Хуавеи сега треба да аплицираат за лиценца за тоа.
Администрацијата дозволи исклучоци за американските компании до средината на август за да можат да соработуваат со Хуавеи.
Со последната објава од администрацијата на Трамп можни се неколку сценарија:
1. Хуавеи да биде изземен од листата
Ова е малку веројатно бидејќи администрацијата на Трамп го изгради својот случај дека компанијата претставува закана за национална безбедност.
Компанијата беше фатена како краде трговски тајни и избегнувајќи ја забраната за извоз на технологија во Иран. Хуавеи исто така беше посочен дека соработува со кинеските разузнавачки служби, но тоа никогаш не беше докажано од страна на САД.
2. Позитивен развој
Администрацијата на Трамп би можела да дозволи продолжување на продажбата на технологија на Хуавеи за мобилни телефони, но не и за инфраструктурна опрема за изградба на 5-Г мрежи.
3.Аплицирање за лиценца од случај до случај
Може да се случи да има одлука со која американските компании кои сакаат да продаваат опрема на Хуавеи ќе може да аплицираат за лиценца од случај до случај, освен ако не постои ризик по национална безбедност.
По она што го објави претседателот Трамп најверојатно судбината на Хуавеи и нејзините добавувачи и клиенти ќе зависат од трговските преговори помеѓу Вашингтон и Пекинг, сметаат експертите.