Мич МекКонел, лидерот на републиканците во Сенатот, упати предупредување до Кина поради нејзината остра реакција кон демонстрантите во Хонг Конг кои ја запоседнаа територијата на меѓународниот аеродром во понеделникот, по што беа откажани сите летови.
„Луѓето од Хонг Конг храбро се спротивставуваат на кинеската комунистичка партија, додека Пекинг се обидува да ги повреди нивните автономија и слобода“, напишаМекКонел во порака на Твитер. „Секое насилно дејствување би било целосно неприфатливо“.
„Како што реков во Сенатот: Светот гледа,“ истакна МекКонел.
На аеродромот, кој е еден од најпрометните во светот не е пријавено насилство, но, десетици повредени се пријавени на улиците во Хонг Конг, каде демонстранти блокираа патишта и ги одбија полициските наредби да се разотидат, откако полицијата употреби солзавец и заплашувачка муниција.
Властите во Пекинг протестите ги оценија како „тероризам“.
МекКонел, политички сојузник на претседателот Доналд Трамп, зазеде посилен јавен став против третманот на демонстрантите во Хонг Конг, отколку лидерот на САД.
Минатиот месец, во говорот пред Сенатот, МекКонел го нападна кинескиот третман на демонстрантите во Хонг Конг. „Светот гледа и се чуди: Ако Владата не може да ги почитува основните човекови права на своите граѓани, зошто да ѝ се верува на земјата дека ги почитува интересите на соседите, трговските партнери или компаниите кои инвестираат во економијата?“
Трамп наметна царини за стотици милијарди долари кинески извоз во САД и ја нападна неподготвеноста на Пекинг да постигне договор за трговски договор со САД. Но, зазеде став на дистанцираност во однос на третманот на Пекинг кон демонстрантите во Хонг Конг.
„Не знам каков е ставот на Кина“, изјави Трамп пред новинарите минатата недела. „Тоа е помеѓу Хонг Конг и Кина, бидејќи Хонг Конг е дел од Кина. Ќе треба сами да се справат со тоа. Не им треба совет“.
Facebook Forum