САД ја казнија јапонската автомобилска компанија Хонда со рекордни 70 милиони долари затоа што до надлежните органи не пријавила стотици смртоносни сообраќајни несреќи и поплаки од муштериите во последниве 11 години.
Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата денес соопшти дека Хонда не пријавила 1.729 несреќи во коишто биле вклучени автомобили на компанијата, од средината на 2003-та, па се` до средината на минатата година. Истовремено, Хонда не реагирала на поплаките коишто ги поднеле купувачите на нејзините автомобили.
Американските власти не соопштија колку од несреќите завршиле трагично, но според регулаторни претставници, во седум од нив, а коишто вклучуваат заштитини перничиња на корпорацијата Таката, перничињата експлодирале, креирајќи шрапнели коишто или ги убиле, или сериозно ги повредиле лицата во возилата. Фаличните перничиња во моментов се повлекуваат од пазарот во САД и се предмет на истрага.
Секретарот за транспорт Ентони Фокс кажа дека Хонда и другите автопроизводители „имаат обврска за безбедноста што мора да ја исполнат, без да бараат оправдувања“.
Националната управа за безбедност на сообраќајот на автопатиштата сега ја предаде Хонда на федералните истражители коишто треба да одлучат дали ќе покренат кривично обвинение во случајот.