Според истражувачите од Школата за јавно здравје на Универзитетот Колумбија, „бројот на Американци кои користат хероин во последната деценија се зголемил за пет пати, а клинички дефинираната зависност од хероин е зголемена за повеќе од трипати.“
Студијата сугерира дека зголемувањето е изразено „кај мажите, белците, оние со помали примања и ниско образование,“ посебно кај белците на возраст од 18 до 44 години.
Според наодите, употребата на хероин се зголемила од 0.33 проценти на 1,60 проценти од периодот од 2001-2002-ра година до 2012-2013-та година. Во истиот период кај белците, таа бројка се зголемила од 1,1 на 1,9 проценти.
Употребата на хероин повеќе е зголемена кај лицата без брачни партнери, отколку кај оние кои имаат брачни партнери.
Истражувачите велат дека употребата на лекови против болка, без рецепт е главната причина за зголемување на употребата на хероин. Во 2001-2002-ра година, 36 отсто од корисниците на хероин биле белци и рекреативно употребувале опиоиди пред да започнат да користат хероин. Во 2012-2013-та таа бројка се искачила на 53 проценти.
„Бидејќи ефектите од употребата на хероинот изгледаат слични како и ефектите од широко достапните опиоиди на рецепт, се чини дека употребата на хероин е се повеќе социјално прифатлива меѓу белците кои живеат во приградските и руралните области“ вели Силвиа Мартинс, професорка на Универзитетот Колумбија.
Мартинс вели дека наодите покажуваат дека е потребна акција за да се запре користењето на хероин.
Наодите се објавени во Интернет изданието на JAMA Psychiatry.
Мет Хилбурн