Линкови за пристапност

Милиони лица на пат да останат без здравствено осигурување


Конгресната канцеларија за буџет сепак посочува дека со замената на Обамакеар ќе се намали буџетскиот дефицит

Конгресната канцеларија за буџет вели дека 14 милиони Американци следната година ќе го загубат здравственото осигурување, ако Конгресот го одобри републиканскиот план за здравствена заштита кој ќе биде замена на сегашниот план, познат како Обамакеар.

Непартиската група на буџетски аналитичари и економисти го објави долго очекуваниот извештај за тоа колку ќе чини спроведување на едно од кампањските ветувања на претседателот Доналд Трамп - укинување и замена на Обамакеар. Трамп и републиканците тврдат дека сегашниот систем е прескап, и ги принудува граѓаните да мораат да купат здравствено осигурување.

Од Конгресната канцеларија за буџет велат дека ако се усвои планот на републиканците, во 2018-та година бројката на неосигурени ќе се зголеми за 14 милиони лица, и ќе изнесува 41 милион. Во 2026-та година таа бројка ќе достигне 52 милиони - речиси двојно повеќе споредено со 28 милиони доколку Обамакеар остане.

Но, од Конгресната канцеларија за буџет велат дека со новиот план за здравствена заштита до 2026-та година ќе се намали федералниот дефицит за 337 милијарди долари. Како споредба, канцеларијата проценува дека во 2017 федералната влада ќе има 4 трилиони трошоци што додаваат 559 милијарди долари на дефицитот.

Секретарот за здравство, Том Прајс го критикуваше извештајот, тврдејќи дека Конгресната канцеларија за буџет пред себе имала само дел од новиот републикански план за здравствена заштита и дека е „невозможно“ планот да остави 14 милиони лица без здравствено осигурување, бидејќи цените всушност ќе паднат и граѓаните ќе можат да изберат свое осигурување, наместо план кој и` одговара на владата.

XS
SM
MD
LG