Сенатот, којшто е под контрола на републиканците, го презема првиот чекор кон анулирање на програмата за здравствена заштита, позната како Обамакеар.
Поништувањето на Актот за достапна грижа, е на врвот на листата приоритети на републиканците, штом новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе ја преземе функцијата на 20-ти јануари.
Трамп за време на вчерашната прес-конференција за новинарите, истакна дека ќе се залага анулирањето и напорите за замена на програмата да се случат истовремено.
Со 51 глас „за“ и 48 „против“ Сенатот денеска гласаше по точката за одобрување на правилата со кои легислативата за поништување би можела да влезе во процедура со мнозинство гласови, и да не биде предмет на неограничено образложување и аргументирање, во случајов на демократските законодавци, пракса позната како „филибастер“. Републиканците ја имаат контролата на 52, од 100-те места во Сенатот.
Неделава по резолуцијата се очекува да гласа и Претставничкиот дом, каде републиканците исто така имаат мнозинство.
Републиканските лидери планираат да ја изготват нацрт-легислативата за поништување на законот до крајот на јануари.
Во меѓувреме, останува отворено големото прашање, што ќе се случи ако републиканците не успеат во напорите? Во моментов нема консензус меѓу републиканците за тоа како да се замени законот за здравствена заштита, што овозможи осигурување на 20 милиони Американци, кои претходно не беа здравствено осигурани.
Претседателот Барак Обама во својот проштален говор во вторникот, истакна дека доколку некој креира план што е „очигледно подобар“ и што овозможува осигурување со помалку давачки, тогаш тој јавно ќе го поддржи.