Републиканските сенатори-спонзори на најновиот предлог-закон за преструктуирање на здравствениот систем, направија ревизии што би резултирале со дополнителени средства за неколку сојузни држави, од каде е потребна поддршка за донесување на мерката.
Промените налагаат поголеми грантови за Аризона, Кентаки, Тексас и Алјаска.
Републиканците во Сенатот имаат мнозинство од 52 наспрема 48 места, а без гласовите на демократите, ако тројца републиканци гласаат против, предлогот ќе пропадне.
Досега, сенаторот од Аризона, Џон Мекејн и сенаторот од Кентаки, Ранд Пол, рекоа дека нема да го поддржат законот, а во меѓувреме, противење изрази и сенаторот од Тексас, Тед Круз.
Меѓу противниците на промени во системот за здравствена заштита се оние кои мислат дека напорите за реформи не прават доволно за намалување на премиите за осигурување или пак за кратења на програми, за да им се помогне на сиромашните.
Најновите напори за укинување и замена на Законот за здравствена заштита, познат како Обамакеар, доаѓаат од сенаторите Линдзи Греам од Јужна Каролина и Бил Касиди од Луизијана. Со нив, би биле испратени федерални грантови до 50-те сојузни држави, овозможувајќи им да креираат независни планови за здравствена грижа за најсиромашните луѓе во нивните држави, наместо сегашниот систем при што владата ги распределува парите.
Последните истражувања на јавното мислење покажуваат дека мнозинството Американци се за задржување на постојниот закон, иако многумина републиканци се против тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп, неодамна повика на укинување на Обамакеар, велејќи дека се надева оти републиканските сенатори ќе гласаат по најновиот предлог и ќе го исполнат ветувањето, најавувајќи директни грантови.
Facebook Forum