Линкови за пристапност

Дебатата за Обамакеар продолжува, а со тоа и неизвесноста


Републиканците во Сенатот се соочуваат со потешкотии во првата можност за укинување и замена за Законот за здравствена заштита познат како Обамакеар. Ова уследи неколку часа откако потпретседателот Мајк Пенс го даде одлучувачкиот глас за отпочнување на дебата за тоа дали да се укине седумгодишниот закон, потпишан од поранешниот претседател Барак Обама.

Законодавците синоќа со 43 гласови „за“ и 57 „против“ го отфрлија комплетниот предлог-закон или мерката зад која стои лидерот на сенатското мнозинство Мич Меконел. Со неа би се прекинало продолжувањето на Медикејд - програма што обезбедува здравствено осигурување за сиромашните Американци, скратување на помошта за лица со ниски примања кои мора да купат приватни планови за здравствена заштита, и елиминација на даночни казни за лица кои не купуваат осигурување.

Најновото гласање е прво од многуте кои се планирани неделава во рамки на републиканските напори за укинување и замена на Обамакеар. Чекорот на Сенатот за отпочнување на дебата се случи откако Меконел изминатиов месец се обиде и не успеа да издејствува усвојување на две различни верзии на мерката. Но дури и на тој потег за дебата, му требаше малку за да пропадне, бидејќи сите демократи и две републикански сенаторки, Сузан Колинс и Лиза Мурковски, гласаа против оваа мерка и Сенатот се најде во ќорсокак со 50-50 гласови.

Притоа, потпретседателот Мајк Пенс го искористи уставното право како претседавач со Сенатот, и го даде својот глас во полза на републиканците.

Одлучувачкиот глас го даде републиканскиот сенатор од Аризона, Џон Мекејн, кој се врати во Конгресот само неколку дена откако беше дијагностициран со тумор на мозокот.

Во меѓувреме, демократите остро ја критикуваа републиканската тактика по прашањето за здравствена заштита, при што на релативно малубројни состаноци зад затворени врати, се изготвувале нацрти на легислативата, а демократите биле исклучени од процесот.

Претседателот Трамп го пофали гласањето од вторникот, велејќи дека „непреземањето акција не е опција“ и дека „сега легислативниот процес, може да продолжи“.

Републиканците, сепак предупредија дека отпочнување на дебатата, не гарантира конечно усвојување на мерката.

Засега не е јасно која верзија од легислативата Меконел ќе ја стави во игра. Републиканците се изјаснија дека не толку темелна верзија на најновата сенатска мерка, би имала најголеми шанси за добивање мнозинство гласови против актуелниот закон. Доколку Сенатот одобри ваква нецелосна верзија на предлог-законот, специјална Конференциска комисија од обата дома на Конгресот, ќе треба да ги усогласи разликите меѓу верзиите на Претставничкиот дом и Сенатот.

Според најнови испитувања на јавното мислење, Американците се понаклонети на актуелниот закон за здравствена заштита или Обамакеар, споредено со кој и да е предлог на републиканците за негова замена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG