Линкови за пристапност

Дали сенатскиот нацрт-закон за здравствена заштита ќе успее?


Претседателот Доналд Трамп ги обвинува демократите за блокирање на замена на Обамакеар

Непартиската Kонгресна канцеларија за буџет вели дека бројот на Американци без здравствено осигурување би се зголемил за 22 милиона во текот на следната деценија, земајќи ја предвид сенатската верзија на законот за здравствена заштита, со која би се заменил актуелниот закон, познат како Обамакеар.

Тој број е еден милион помалку од проценката на истата Канцеларија по верзијата на Претставничкиот дом, усвоена минатиот месец.

Според проценките за двата предлога, во првите две години би дошло до зголемување на просечните премии за здравствено осигурување, по што во 2020-та година тие би почнале да опаѓаат, затоа што би се зголемил делот за кој се одговорни самите пациенти.

Лидерот на малцинството во Сенатот, демократот Чак Шумер, кажа дека резултатот на Канцеларијата за буџет покажува дека сенатскиот нацрт-закон е „исто толку злобен како и оној на Претставничкиот дом“.

Со новиот закон за здравствена заштита, Американците нема да бидат обврзани да купат осигурување или да платат парична казна, и ќе ги отстранат субвенциите, за луѓето со пониски примања да можат да купат осигурување.

Лидерот на републиканците во Сенатот, пак, Мич Меконел, кажа дека со Обамакеар луѓето биле приморани да купуваат планови коишто или не им се допаѓале, или не можеле да си ги дозволат. „Мора да реагираме, ова е неприфатливо и неодржливо. На американскиот народ им е подобра поголема грижа и работиме да им ја обезбедиме“, истакна Меконел.

Сепак, неколкумина републиканци индицираа дека нема да да ја поддржат сенатската верзија, со што би се довела во ризик имајќи предвид дека републиканците во Сенатот имаат мнозинство 52 - 48.

Умерените републиканци се против големите скратувања на фондовите за Медикејд - владината програма за здравствена заштита за сиромашните и лицата со посебни потреби, додека конзервативците велат дека законот не носи големи промени на сегашниот систем.

Противниците на законот во Сенатот сметаат дека од предложените даночни кратења корист ќе имаат побогатите Американци, што е клучен механизам за финансирање на тековниот предлог.

Ако Сенатот ја одобри својата верзија, Претставничкиот дом или ќе ја усвои истата, или ќе мора да ја усогласи својата верзија со онаа на Сенатот, пред претседателот Доналд Трамп да може да ја потпише и да стане закон.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG