Приоритет треба да биде формирање влада со програма базирана врз договорот од Пржино, а партиите да покажат демократска зрелост - е пораката што еврокомесарот за проширување Јоханес Хан им ја пренесе на политичките лидери за време на двата дена во Скопје. Не кажа до каде е процесот на преговори меѓу СДСМ и ДУИ. Од Никола Груевски Хан слушнал дека има потреба од нови избори.
„Секогаш сум оптимист“ е констатацијата со која Јоханес Хан ја заврши дводневната посета на Скопје која помина во серија состаноци со политичките лидери и обидите Македонија конечно да добие влада по 11-то декемвриските избори. По низата средби еврокомесарот не одговори дали конкретно слушнал до каде е процесот за формирање влада, ниту пак дали гледа крај на кризата.
„Очигледно ќе треба уште извесен период, треба да преговараат и треба да донесат одлука во интерес на земјата, граѓаните. Станува збор за квалитет, а не за брзина. Треба да преговараат и да покажат демократска зрелост. Владата треба да има одлична програма базирана на Договорот од Пржино и посветеност на европската перспектива“.
Денешната средба на Хан со Ѓорѓе Иванов, според соопштението од претседателскиот кабинет, била конструктивна зашто се потенцирала потребата од што поскоро формирање влада и целосно функционални институции за државата да биде подготвена да се справува со сите предизвици. Еврокомесарот доцна вчеравечер ги заврши средбите со политичките лидери од кои ги слушнал нивните позиции.
„За постигнување каков било договор со СДСМ очекуваме писмена понуда, по што ќе свикам седница на претседателството. Сакаме материјали на писмено. Без тоа нема потписи од ДУИ“, кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев рече:
„Тоа што претпоставувам дека тие ги очекуваат на писмено е тоа што е поврзано со идната владина програма. Тоа е деталите околу нашата платформа, деталите околу нивната платформа и сето она што е поврзано со очекувањата на граѓаните, а тоа се итните реформски приоритети“.
Ниту Заев, ниту Ахмети не открија повеќе детали за процесот – има ли нови средби меѓу двете партии, дали нешто конкретно се разговара, колку се блиску до можен договор.
Единствено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не` даде изјава по двочасовната средба со Јоханес Хан. Партијата дури денеска информираше за што се зборувало. Груевски ја пренел, како што се вели, зрелоста на ситуацијата за нови парламентарни избори, кои би се организирале заедно со локалните - опција која нема поддршка кај повеќето партии, ниту пак кај меѓународната заедница која и преку Хан порача дека сега приоритет треба да биде брзо формирање влада.