Линкови за пристапност

Учениците во САД денес ја напуштија наставата 17 минути


Идејата е да излезат од училниците во 10 часот, и да останат надвор по една минута за секој убиен при масакрот во Флорида минатиот месец

Десетици илјади ученици, главно од средни училишта, нивни родители и професори во САД, денеска ги напуштија часовите во знак на протест, поради, како што велат организаторите, неуспехот на Конгресот да се справи со насилството со оружје во училиштата. Демонстрациите се случуваат точно еден месец по масакрот во средното училиште во Флорида.

Од училишните клупи излегоа точно во 10 часот, и останаа надвор 17 минути - по една минута за секој убиен во нападот.

Денес ширум САД се одржуваат вкупно 3.000 вакви протести.

Учениците би можеле да се соочат со дисциплинска мерка за нивното отсуство од училиште, но, многу образовни институции сигнализираа дека нема да преземат какви било чекори против нив, и оти ќе им дозволат да протестираат.

„Учениците и персоналот имаат право да учат и да предаваат, во средина каде нема грижа дека ќе бидат нападнати - во нивните училници или на пат до училиште“, велат организаторите. „Не сме безбедни на училиште. Не сме безбедни во нашите градови. Конгресот мора да преземе издржана акција за да бидеме безбедни и да донесе легислатива за реформи во контролата на оружје на федерално ниво“, додадоа тие.

Претседателот на САД Доналд Трамп, отпрвин кажа дека ја поддржува идејата за зголемување на минималната старосна граница за купување на оружје од 18 на 21 година, но се повлече од предлогот воочи цврстото противење на Националната асоцијација за оружје (NRA). Трамп повика на вооружување на наставници и дел од училишниот персонал, откако тие би минале низ интензивна обука за ракување со оружје.

Во меѓувреме, законодавците во Флорида усвоија мерка за зголемување на старосната граница за купување оружје, од 18 на 21 година. Националаната асоцијација за оружје најави тужба за блокирање на промената.

Учениците повикуваат на забрана за продажба на автоматско оружје, како она употребено во нападот во Флорида, меѓутоа, се чини дека мали се шансите тоа да се случи.

Ова не се единствените протести планирани за наредните недели.

На протестот „Марш за нашите животи“ на 24-ти март во Вашингтон, се очекува да присуствуваат стотици илјади лица.

Уште еден марш е планиран за 20-ти април, кога се одбележува 19-годишнината од масовно убиство во средно училиште во Колорадо.

Напаѓачот од Флорида, Николас Круз, е осуден по 17 основи, а обвинителите бараат да му биде одредена смртна казна. Неговиот адвокат кажа дека тој е подготвен да се изјасни за виновен и доживотно да остане во затвор, ако обвинителите се откажат од напорите за изрекување смртна казна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG