Линкови за пристапност

Мигранти од Мексико работат на места непривлечни за Американците


Мигранти од Мексико работат на места непривлечни за Американците

На ваков начин 1.000 жени од Мексико работат во индустријата за морска храна на островите во сојузната држава Мериленд.

Секоја година 66.000 сезонски работници по легален пат влегуваат во САД, со виза што им овозможува да најдат макотрпна, ниско платена работа за која, според работодавците, Американците не се заинтересирани. На ваков начин 1.000 жени од Мексико работат во индустријата за морска храна на островите во сојузната држава Мериленд.

Ракел Трехо Рубио има работа што ретко кој Американец ја посакува - го вади месото од морските ракови. Работодавецот, компанијата „Г. В. Хал енд сан“ е главен снабдувач на Мериленд со морска храна. Ракел работи осум часа на ден, пет до шест дена во неделата, за минимална надница од 7,25 долари на час. Некогаш и повеќе, ако побрзо го вади месото. Но, кога брза, може да се исече.

„Работата не е тешка. Се работи за пракса. Тешкото е што морав да се одделам од семејството“ раскажува Ракел.

Сопственикот Брајан Хал вели дека прави се` што може за мексиканските работници:

„Обезбедуваме превоз. Имаат каде да живеат, сателитска телевизија, клима-уред, се` што е потребно за пристоен живот. Бизнисот ни зависи од овие жени“.

Ракел е задоволна, бидејќи во Мексико на секои две недели заработува 110 долари, а овде ги зема тие пари за три дена.

Па сепак, најнов извештај на Американскиот универзитет и Центарот за мигрантски права, што се базира на интервјуа со 40 поранешни чистачи на месо од морски ракови, тврди дека сезонските работници се изолирани и експлоатирани.

Елиза Мартинез, која работела на такво место, сведочи за тоа:

„Не ја познававме земјата, замислувавме дека се` е убаво. Кога пристигнавме, се уверивме во вистината дека се работи за друга реалност“.

Раскажува дека живеела во мизерни услови, немала доволно работа, и ја уценувале дека ќе ја пријават на имиграционите власти ако побара да работи кај друг.

Главниот автор на извештајот Џејеш Ратод, асистент по право на Американскиот универзитет, нагласува дека неговата цел била да се реформира начинот на регрутирање на работниците во Мексико и да се подобрат работните услови во САД.

Ракел се согласува. Вели, се` додека може да го издржува семејството и да обезбеди подобра иднина за својата ќерка, ќе продолжи да чисти месо од морски ракчиња во САД.

XS
SM
MD
LG