Сенатот ја одобри мерката за трошоци со што федералната влада ќе остане функционална и во наредните 10 недели. Со тоа Конгресот и Белата куќа ќе имаат време да преговараат за нивоата на трошоци за наредната фискална година и понатаму.
Со 78 гласови „за“ и 20 „против“, се отстрани првата од двете легислативни пречки цо цел да се избегне делумното затворање на американската влада. Крајнот рок за усвојување на оваа мерка во Сенатот истекуваше денеска на полноќ.
Со неа, владата ќе биде финансирана до 11-ти декември и сега треба да мине во Претставничкиот дом, каде републиканците кои ја имаат контролата, се наоѓаат во конфузна состојба заради неочекуваната оставка на спикерот Џон Бејнер, којашто ќе стапи на сила наредниот месец.
Мерката за трошоци вклучува финансирање на Планирано родителство, непрофитна организација која обезбедува здравствена грижа за милиони жени ширум САД во однос гинеколошките услуги. Претседателот Барак Обама се закани дека ќе стави вето на каква било мерка за трошоци што би ги елиминирала федералните фондови за оваа организација.
Сепак, дури и со избегнување на делумното затворање на владата неделава, драмата околу актуелните фондови може повторно да се појави во декември.
Републиканците се залагаат за интензивирање на воените трошоци, но држење на домашните програми под контрола. Повеќето од демократите се стремат за ставање крај на таканареченото кратење, како на воените, така на домашните приоритети.