Линкови за пристапност

Затворањето на Владата ја чинеше американската економија 3 милијарди долари


Најдолгото делумно затворање на Владата ја чинеше најголемата светска економија 3 милијарди долари, сума која нема да биде надоместена објави во извештај Канцеларијата за буџет на Конгресот.

Сепак, според организацијата откако на 800.000 федерални работници ќе им бидат исплатени платите, освен загубата од 3 милијарди долари, другите активности ќе бидат обновени во наредните недели.

Канцеларијата за буџет на Конгресот проценува дека околу 18 милијарди долари федерални трошоци биле одложени за време на затворањето на Владата, и најверојатно поголем дел од нив ќе бидат реализирани, ако не се случи уште едно затворање на Владата.

Претседателот Доналд Трамп заедно со демократските и републиканските конгресни лидерите се согласија да ја отворат Владата и да формираат двопартиска комисија за преговори за безбедноста долж американско - мексиканската граница.

Трамп во неделата кажа дека тој смета дека има помалку од 50 проценти шанси со преговорите да биде постигнат договор до рокот кој самиот го наметна, 15–ти февруари. Трамп исто така кажа дека постои опција за друго затворање на Владата или прогласување на национална вонредна состојба ако Конгресот не одобри средства за ѕидот.

Претходно неколку истакнати републикански законодавци го повикаа Трамп да не прогласува национална вонредна состојба затоа што ќе се соочи со тужби од демократите.

Канцеларијата за буџет на Конгресот соопшти дека 3 милијарди долари се засекогаш изгубени и дека проектираниот бруто домашен производ за 2019-та година од повеќе од 19 трилиони долари ќе биде помал за 0.02 проценти.

Меѓутоа, во извештајот се вели дека главните ефекти врз целокупната економија се многу поизразни врз индивидуалните бизниси и работниците. Меѓу оние кои ги почувствуваа најдиректни негативни ефекти се федералните работници и приватниот сектор. Некои компании од приватниот сектор никогаш нема да можат да го надоместат изгубениот приход.

Сепак, од Канцеларијата за буџет на Конгресот велат дека во преоценките има значителна неизвесност затоа што не е јасно како вработените кои не земале плата трошеле и како агенциите ќе ги прилагодат своите трошоци сега кога Владата е отворена.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG