Линкови за пристапност

Анкета: светот ја поддржува американската политика кон Азија и Блискиот Исток


Генералниот рејтинг на САД останува главно позитивен - 69% од испитаниците изразиле поволно мислење за земјата

Новата анкета на Центарот за истражување Пју сугерира дека светот во голем дел го поддржува свртувањето на фокусот на американската одбрамбена политика кон Азија, како и армиската кампања под американско раководство против организацијата Исламска држава - двете главни точки во надворешната политика на Белата куќа.

Генералниот рејтинг на САД останува главно позитивен. Пју го спровел испитувањето на јавното мислење во 40 држави. Во просек, 69% од испитаниците изразиле поволно мислење за земјата.

Бројките најверојатно ќе бидат интерпретирани како успех за владата на претседателот Барак Обама, којашто дојде на власт во 2008-ма со ветување дека ќе ја подобри претствата за САД во странство, делумно преку ставање крај на армиските операции во Ирак и Авганистан.

Но, Белата куќа потоа повторно беше вовлечена во случувањата во регионот, овојпат поради брзиот напредок на исламските екстремисти во Ирак и Сирија. САД во моментов се на чело на воздушната кампања против цели на Исламската држава во овие земји и се обидуваат да обезбедат обука за силите коишто ги сметаат за сојузници.

Светот главно позитивно реагира на оваа кампања. Според центарот Пју, во просек, 62% искажуваат поддршка, а 24% се против.

Анкетата илустрира и силна поддршка за одлуката на САД да стави поголем армиски приоритет на Пацификот, каде повеќето земји изразија загриженост заради растечката економска и армиска сила на Кина и нејзината самодоверба.

Во просек, 51% од испитаниците го поддржуваат зголеменото армиско присуство на САД во Азија, а 34% се изјасниле против. Поддршката е особено голема на Филипините, во Виетнам и Јапонија, земји коишто имаат територијален спор со Кина. Пју наведува дека исклучок е Малезија, каде 54% од анкетираните велат дека новата одбранбена политика на САД кон Кина е лоша идеја бидејќи може да доведе до судир со оваа земја.

XS
SM
MD
LG