Претседателот на САД Доналд Трамп, изјави дека му претставува огромна чест што францускиот претседател Емануел Макрон му бил гостин на првата официјална државна вечера во време на неговата администрација.
Трамп ја нарече врската меѓу САД и Франција „прекрасно пријателство“ пред повеќе од 100-тина гости.
„Нека нашето пријателство се продлабочува уште повеќе. Нека нашата врска стане уште поцврста, а нашата слобода да биде вечна“, рече Трамп.
Макрон истакна дека двајцата лидери ја делат заложбата и желбата да им служат на нивните држави и на целиот свет.
Тој, исто така, наздрави за цврстото пријателство меѓу САД и Франција.
Првата дама одбра јагнешко ребро, со овошје во прилог, како главен специјалитет, а за време на вечерата изведба имаше Националната опера во Вашингтон
Вчерашниот настан беше можност првата дама Меланија Трамп да биде во фокус, која заедно со Трамп, ги пречека францускиот претседател и неговата сопруга Брижит Макрон.
Државната вечера беше релативно тивка, и без голема помпезност, во споредба со вечерите од претходните администрации, на кои присуствуваа познати личности и славни имиња од Вашингтон.
Меѓу главните гости беа извршниот директор на Епл Тим Кук, кој како негова гостинка ја донесе Лиза Џексон, поранешна менаџерка на Агенцијата за заштита на животната средина во време на претседателот Барак Обама, државникот Хенри Кисинџер, врховниот судија Џон Робертс, медиумскиот могул Роберт Мурдок, директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард, и ќерката на претседателот Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер.
Пречекот на Макрон почна со традиционална воена церемонија во Белата куќа, на која присуствуваа 500-тини членови на Армијата, проследено со патриотска музика и воени почести.
Вечерата уследи по разговорите на Трамп и Макрон за Иран, на кои немаше јасен знак дали Трамп ќе ги повлече САД од постоечкиот Нуклеарен договор со Техеран.
Facebook Forum