Линкови за пристапност

Во полицијата во Фергусон имало расна предрасуда, утврди Одделот за правда


93% од уапсените во градот, 85% од запрените возачи при рутинска контрола и 90% од казнетите за сообраќаен прекршок биле црнци

Американскиот владин Оддел за правда денес одлучи дека полицијата во градот Фергусон, сојузната држава Мисури, рутински ги кршела уставните права на граѓаните - црнци со тоа што применувала прекумерна сила против нив и ги апсела без конкретна причина.

Извештајот е резултат на шестмесечната истрага којашто започна откако полицаецот - белец Дарен Вилсон го застрела и усмрти невооружениот тинејџер – црнец Мајкл Браун при улична конфронтација.

И покрај ваквата одлука на полицијата во Фергусон, федералните власти соопштија дека решиле да не покренат обвинение против Вилсон, кој во меѓувреме ја напушти полициската работа, за кршење на граѓанските права. Одделот за правда заклучи дека нема докази да се оспори тврдењето на Вилсон дека бил загрижен дека животот му бил во опасност во индидентот, ниту пак дека постојат несоборливи докази дека Браун ги кренал рацете во воздух пред Вилсон да го застрела.

Во ноември минатата година, Големата судска порота одлучи да не покрене обвинение против Вилсон за смртта на Браун, што предизвика жестоки протести во гратчето каде што живее претежно црнечко население. Потоа избувнаа и протести ширум САД.

Врз основа на стотици интервјуа и 35.000 страници полициски извештаи и други документи, истрагата на Одделот за правда утврди дека иако 67% проценти од населението на Фергусон е црнечко, дури 93% од уапсените лица во градот, 85% од запрените возачи при рутинска контрола и 90% од казнетите за сообраќаен прекршок биле црнци.

Извештајот открива и дека официјални лица од Фергусон рутински разменувале расистички шеги на својата службена електронска пошта. Во една таква порака од ноември 2008-ма, по победата на Барак Обама на претседателските избори, градски претставник напишал дека Обама нема долго да остане во Белата куќа, затоа што „кој црнец имал постојана работа четири години?“.

Официјални претставници на Фергусон наведуваат дека го разгледуваат извештајот и дека претставници на Одделот за правда договараат спогодба градската власт да воведе реформи. Но, доколку таа не биде постигната, Одделот би можел да го тужи градот и да побара со судска наредба да се поправи работата на полицијата. Последниве години, американската влада има преземено ваков чекор и кон полиции во други места во САД.

Убиството на Браун, заедно со уште неколку други слични инциденти коишто се најдоа во фокусот на медиумите, доведоа до огорченост и поплаки во јавноста за агресивноста на полицијата во интервенциите против црнците и други малцинства.

Одделот за правда покрена 20-тина истраги за кршење на граѓанските права од страна на полицијата откако Ерик Холдер, којшто наскоро ќе замине од функцијата, дојде на чело на Одделот за правда.

XS
SM
MD
LG