Линкови за пристапност

САД воведоа царини за увозот на челик од ЕУ, Канада и Мексико


Потегот ја принуди Европа да воведе реципрочни мерки

САД наметнaa царини во висина од 25 проценти за увозот на челик и 10 проценти за увозот на алуминиум од Европската Унија, Канада и Мексико. Одлуката влегува на сила утре.

По одлуката се очекуваат реципрочни мерки од страна на ЕУ кои ќе се однесуваат на познати американски производи, какви моторите Харли Дејвидсон, фармерки и виски.

„Очекуваме да продолжиме со преговорите со Канада и Мексико од една, и со Европската комисија од друга страна. Имаме и други прашања што треба да ги разрешиме“, изјави американскиот секретар за трговија, Вилбур Рос.

„Ова е лош ден за светската трговија“, одговори претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, кој најави дека нема „друг избор“, освен спорот да биде разрешен во рамки на Светската трговска организација и да се воведат дополнителни царини за голем број американски производи.

„Ќе ги браниме интересите на ЕУ, во целосна согласност со законите на меѓународната трговија“, додаде Јункер.

Американскиот претседател Доналд Трамп, претходно изјави дека царините се потребни заради заштита на националната безбедност, тврдејќи дека тековните трговски договори им штетат на американските компании.

САД, исто така, преговараат за воведување квоти за увозот од други земји, како што се Јужна Кореја, Аргентина, Австралија и Бразил, додаде Рос.

Во интервју за телевизијата „Си-Ен-Би-Си“, тој ги минимизираше мерките на Европа вредни 3 милијарди долари, велејќи дека „тоа е само мал дел“ од трговијата.

Вилбур Рос, кој пред да биде дел од администрацијата на Трамп, работел на преструктуирање на неуспешни компании, рече дека американските трговски партнери „во догледно време ќе го надминат ова“.

Одлуката на САД предизвика пад на вредноста на акциите на американските берзи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG