Линкови за пристапност

Круз и Сандерс победија во Висконсин


Круз го порази Доналд Трамп со 48 проценти наспроти 35 и победата ја нарече пресвртна точка за Америка.

Републиканецот Тед Круз и демократот Берни Сандерс извојуваа значајни победи за време на прелиминарните избори што во вторникот се одржаа во сојузната држава Висконсин.

Круз го порази Доналд Трамп со 48 проценти наспроти 35 и победата ја нарече пресвртна точка за Америка. Сенаторот на Тексас го сврти вниманието на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон, фаворитот за претседателска номинација од редовите на Демократската партија, велејќи дека тој не само што ќе ја добие републиканската номинација, туку ќе ги добие и генералните избори во ноември.

„Дозволете ми само да кажам, Хилари, подготви се, доаѓаме“, истакна Трамп.

Трамп не даде коментар за јавноста, но од неговата кампања издадоа соопштение во кое остро се критикува Круз, којшто е поттикнуван од оние кои се залагаат само Трамп да биде номиниран на конвенцијата на републиканците, што во Кливленд, Охајо ќе се одржи во јули.

Пред изборите во Висконсин, Трамп имаше 737 делегати, а Круз 475, додека гувернерот на Охајо, Џон Кејсик – 143. Круз ги доби речиси сите 42-ца делегати од Висконсин, со што ги зголеми шансите дека Трамп нема да биде во можност да обезбеди 1.237 делегати потребни за номинацијата.

Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс ја победи Клинтон со 56 проценти од гласовите во Висконсин. Со тоа тој има шест победи од последните седум сојузни држави и пред симпатизерите на Вајоминг, каде во сабота ќе се одржи следниот демократски кокус, истакна дека неговата кампања сега ги има своите пет минути.

По Вајоминг, партиски избори следат во Њујорк.

Клинтон исто така немаше јавно обраќање по поразот. Таа само преку порака на Твитер му честиташе на Сандерс за победата, а на своите симпатизери само им кажа – Напред!

Клинтон има големо водство по бројот на делегатите, особено ако се додадат таканаречените супер делегати кои ветија дека ќе ја поддржат, но го задржуваат правото подоцна да се премислат.

Конвенцијата на Демократската партија ќе се одржи во Филаделфија во јули.

XS
SM
MD
LG