Доналд Трамп, фаворитот за добивање на претседателската номинација од редовите на Републиканската партија, победи на партиските избори во три сојузни држави во вторникот, вклучувајќи ја и Флорида. Тоа го примора сенаторот од оваа сојузна држава, Марко Рубио, да се откаже од трката за Белата куќа.
Единствената држава каде Трамп загуби е Охајо, каде мнозинството гласови го доби гувернерот Џон Касич.
Сенаторот од Тексас, Тед Круз истакна дека сега е време републиканците да се обединат, велејќи дека цитираме, Америка сега има јасен избор да оди напред. И Трамп повика на единство на Републиканската партија, додавајќи дека нема да прекине со напорите се` додека не победи.
На страната на демократите, поранешната државна секретарка, Хилари Клинтон, победи во четири, од петте сојузни држави каде се одржуваа изборите.