Гласачите во Вашингтон ДЦ и во северозападната држава Орегон ја одобрија мерката за легализирање на марихуаната.
Успешните иницијативи ставени на гласачко ливче беа прашања по кои Американците се изјаснија додека истовремено избираа членови на Претставничкиот дом, една третина од составот на Сенатот и повеќе од половина од државите бираа гувернери.
Референдумското гласање им овозможи на гласачите да се изјаснат за различни прашања, како тоа дали локалните власти треба да позајмуваат пари за инфраструктурни проекти и изградба на училишта или дали државата треба да ги измени своите закони за абортус и за истополови бракови.
Со новата мерка за марихуаната во Орегон ќе се овозможи на полнолетните жители да купуваат и поседуваат марихуана слично на системите воспоставени минатата година во соседните сојузни држави Вашингтон и Колорадо.
Во главниот град на САД, Вашингтон, лицата постари од 21 година ќе можат да поседуваат и да одгледуваат марихуана, но не и да ја купуваат, а тоа ќе биде предмет на ревизија во Конгресот пред да влезе во сила.
Во меѓувреме, гласачите во југоисточната држава Флорида го отфрлија предлогот за легализација на марихуаната за медицински цели, која е легална во 23 други сојузни држави.
На гласачкото ливче во државата Вашингтон во вторникот имаше две конкурентски референдумски иницијативи, но гласачите одобрија само една – да се прошири задолжителната проверка на оние кои сакаат да купат оружје и преку интернет и на саеми на оружје.
Работниците во неколку држави, пак, наскоро ќе добијат повисока плата откако гласачите одлучија минимумот да се крене на осум долари на час во Небраска и седум и пол долари во Арканзас.
бх/лкГласачите се изјаснија и за легализирање на марихуаната, за контролата на оружјето и кревање на минималната плата