Демократскиот кандидат Конор Ламб прогласи победа на специјалните избори за пополнување на испразнетото место во Претставничкиот дом на САД од дистрикт кој се наоѓа во близина на Питсбург, Пенсилванија.
Изборните власти се` уште не ги објавија конечните резултати од гласањето. Разликата меѓу Ламб и републиканецот Рик Сакони беше премногу мала и медиумските организации не можеа да предвидат кој е победникот. Ламб добил предност од околу 500 гласови од повеќе од 227.000 гласачи.
Ламб е 33-годишен ветеран од морнарицата и поранешен обвинител. Тој веќе одржа победнички говор пред поддржувачите.
Сакони, 60-годишен законодавец во сојузната држава, претходно изјави дека неговата кампања ќе продолжи со борбата.
Изборната трка привлече национално внимание како потенцијален сигнал за тоа како ќе се одвиваат националните среднорочни конгресни избори во ноември.
Претседателот Доналд Трамп на изборите во 2016-та година во овој дистрикт победи со околу 20 проценти.
Победникот ќе го пополни испразнетото место на републиканскиот претставник Тим Марфи, кој по сексуалниот скандал од минатата година се пензионираше.
Facebook Forum