Линкови за пристапност

Осум клучни разлики меѓу Клинтон и Трамп во трката за Белата куќа


И двајцата кандидати се спротивставуваат на Транс-пацифичкиот трговски договор и сакаат да ги намалат даноците за средната класа

Како привршуваат партиските прелиминарни избори, се чини дека во изборна битка за иден претседател на САД во ноември, ќе влезат републиканецот Доналд Трамп и демократката Хилари Клинтон.

Дебатите, говорите и интервјуата изминитаиве месеци, овозможија одблизу да се видат нивните спротивставени ставови за домашните и надворешни прашања, што сигурно ќе бидат клучни за придобивање на што е можно повеќе гласови.

Ставовите на двајцата претседателски кандидата по неколку важни прашања се следниве:

Дипломатија

Клинтон, која беше шеф на американската дипломатија за време на претседателствувањето на Обама, сака да ги зајакне релациите со постоечките сојузници и да изгради нови врски. Таа го поддржува Меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма, и настојува да ги одврати Кина и Русија од агресивните акции во нивниот регион.

И Трамп го поддржува зајакнувањето на односите со сојузниците, но го критикуваше НАТО како „застарена” организација, ветувајќи дека ќе изврши притисок врз американските партнери да го платат својот дел во однос на одбраната. Договорот за Иран го нарече „катастрофален“ о дека мисли оти ќе има добра соработка со рускиот претседател Владимир Путин.

Тероризам - Исламска држава

Трамп во март кажа дека ќе испрати 30.000 војници кои би помогнале во обидите да се порази Исламската држава, но подоцна се предомисли. Тој на неколкупати посочи на потребата за елиминирање на милитантната група, но не претстави конкретен план. Планот на Клинтон, пак, потсетува на оној од администрацијата на Обама, потпирајќи се на коалиционите воздушни напади, поддршка за локалните борци на терен и обиди за прекин на финансирањето за терористите и пропагандата на Интернет.

Испрашувања

Клинтон се изјасни дека ако биде избрана за претседателка, нема да толерира или практикува тортура во техниките на испрашување, а Трамп поддржува во праксата да се врати измачувањето со потопување на главата во вода.

Мигранти - Муслимани

По минатогодишните терористички напади во Париз, Трамп рече дека ќе им забрани влез на сите муслимани во земјата, додека „државните претставници не сфатат што се случува“. Тој подоцна кажа дека мигрантите ја „уништуваат Европа“.

Клинтон смета дека демонизирањето на муслиманите ги одвраќа партнерите на САД и дека би било погрешно да се затвораат вратите за жртвите од војна.

Имиграција

Трамп сака да изгради ѕид на јужната граница со Мексико, и од оваа држава ќе побара да ги плати трошоците за проектот. Тој го обвини Мексико дека извезува криминал и сиромаштија. Воедно, најави дека планира да депортира милиони лица со нелегален престој во САД. Клинтон планот на Трамп да изгради ѕид го нарече „фантазија” и предлага имиграциони реформи што вклучуваат можност за добивање на државјанство, нагласувајќи дека ќе ги брани извршните наредби на претседателот Обама за заштита на голем број имигранти од депортација.

Трговија

Двајцата кандидати се спротивставуваат на Транс-пацифичкиот трговски договор, склучен меѓу 12 држави.

Домашна економија

И Трамп и Клинтон сакаат да ги намалат даноците за средната класа. Во однос на планот на Обама за реформи во системот на здравствена заштита познат како „Обамакеар”, Трамп не го прифаќа, додека Клинтон најави дека застане во негова одбрана и ќе го надгради.

Глобално затоплување

За Клинтон прашањето за климатските промени претставуваат „итна закана и предизвик на нашето време“ и мора итно да се решева, а Трамп не верува дека луѓето се виновни за глобалното затоплување. Преку порака на Твитер дури кажа дека концептот бил креиран од Кина за американскиот производствен сектор да изгледа помалку конкурентен на пазарот.

XS
SM
MD
LG