Новоизбраниот претседател Доналд Трамп во кампањата инвестирал 66 милиони долари сопствени пари, соопшти Федералната изборна комисија.
Во извештајот на комисијата се наведува дека во последните денови од претседателската кампања, Трамп потрошил 94 милиони долари, додека демократката Клинтон, чиј фонд бил поголем споредено со Трамп, во последните денови од трката за Белата куќа, потрошила 132 милиона долари.
Бред Парскејл, одговорен за прашања поврзани со дигиталната технологија во кампањата на Трамп, за Асошиетед прес изјави дека инвестицијата во дигиталното рекламирање во последната минута во сојузните држави Мичиген, Висконсин, Пенсилванија и Флорида, го отворило патот републиканскиот кандидат да ја добие трката.
„Ако не ги потрошевме тие пари, можно е да не победевме“, изјави Парскејл.
Роби Мок, менаџер во кампањата на Клинтон, за време на неодамнешна конференција на политички стратези и новинари на Универзитет Харвард, кажа дека жали што не биле вложени повеќе пари во Мичиген, сојузна држава во која Трамп победи со нешто помалку од 11.000 гласови.
Според извештајот, Трамп за време на кампањата собрал 339 милиони долари, наспроти 565-те милиони за Клинтон.