Линкови за пристапност

Се интензивира кампањата за конгресните избори во САД


Се интензивира кампањата за конгресните избори во САД
Се интензивира кампањата за конгресните избори во САД

Во САД трае кампањата за конгресните избори на 2-ри ноември. Последните недели тонот забележително се заостри. Илустрација за тоа е дебатата меѓу републиканската Кристина О` Донел и демократот Крис Кунс, во која таа пред ТВ камерите го обвини дека рекол оти марксистички професор му бил влијание да стане демократ, а тој возврати дека бил, е и ќе биде само свежо избричен капиталист!

Политичките стручњаци наведуваат дека лошата економска ситуација и разочарувањето во јавноста од политиката на претседателот Барак Обама и демократите, им дава на републиканците голема предност на изборите. Многумина аналитичари предвидуваат дека републиканците ќе ги добијат 39-те потребни места за да го вратат мнозинството во 435-члениот Претставнички дом. Познавачите на ситуацијата додаваат и дека е помалку веројатно републиканците да ги добијат 10 места потребни за враќање на контролата во Сенатот, но сепак – веројатно. Републиканците ја загубија контролата во обата дома на Конгресот во 2006-та година.

Изминативе недели, претседателот Обама прави огромни напори за придобивање на демократските гласови, особено гласовите на помладите симпатизери и припадници на малцинствата во земјата, гласачки сегменти кои му дадоа огромна поддршка на претседателските избори пред две години.

„Се движиме во вистинска насока, и сега се поставува прашањето дали повторно надежта ќе надвладее пред стравот“, рече Обама на неодамнешен собир.

Во кампањата се приклучи и првата дама Мишел, но и поранешниот претседател Бил Клинтон, кој и натаму ужива широка поддршка според испитувањата на јавното мислење.

И републиканците користат познати имиња од свои редови за придобивање на потенцијални гласачи. Во првите редови е поранешната гувернерка на Аљаска и потпретседателска кандидатка во 2008-мата, Сара Пејлин.

„Овие избори се најважни во нашата генерација. Вистинската Америка кулминира и многумина велат дека се наоѓаме на пресвртна точка. Мора да ја промениме насоката во која се движиме“, вели Пелин.

Демократите се соочуваат со големи предизвици во обидот да го задржат мнозинството во Конгресот. Анкетите покажауваат дека јавноста има лошо мислење за актуелната економска ситуација, особено во услови на висока невработеност.

На 2-ри ноември на гласање ќе бидат ставени сите 435 места од Претставничкиот дом, заедно со 37 места во Сенатот и 37 од 50-те гувернери на сојузни држави.

XS
SM
MD
LG