Линкови за пристапност

Економијата во САД опаднала со годишна стапка од 1% во првиот квартал на 2014-та


Владиниот извештај укажува на намалените нарачки, намалениот извоз и кратењето на владините трошоци како причини.

Американската економија опаднала во првите три месеци од оваа година и била под поголем удар од несекојдневно силната зима отколку што претходно се мислеше.

Владата денес соопшти дека најголемата економија во светот во периодот јануари - март опаднала со годишна стапка од 1%, што е прво назадување во последниве три години. Претходните проценки наведуваа дека економијата во првиот квартал на годината нараснала за 0,10%.

Опаѓањето ги одразува намалените нарачки во создавањето на залихи, намалениот извоз и кратењето на владините трошоци на федерално и на локално ниво.

Некои економски аналитичари сметаат дека негативниот тренд нема да трае долго, со оглед на ширењето на пазарот на трудот и опаѓањето на стапката на невработеност. Но, Марк Витнер, виш економист во Велс Фарго, една од најголемите американски банки, за Гласот на Америка коментира дека опаѓањето во првиот квартал покажува дека нема голем замав во американската економија.

„Дури и со лошите временски услови и со ситуацијата со залихите, очигледно е дека економијата забави. Го загубивме замавот. Ќе дојде до мало закрепнување од лошите временски услови, како и со намалената ликвидација на залихите, но, и покрај тоа, економијата бавно ќе се движи“, смета Витнер.

Американската централна банка - Федералните резерви - продолжи да ја намалува својата директна поддршка на економијата и планира да прекине со неа нешто подоцна годинава. Па сепак, Витнер наведува дека банката би можела да промени дел од својата политика, во обид да го зајакне економскиот растеж над 1,9%, колку што изнесуваше минатата година.

„Се` уште очекуваме растеж од 2 до 2,5% во 2014-та. Мислам дека втората половина на годината ќе биде посилна од првата“, прогнозира Витнер.

Според друг владин извештај објавен денеска, бројот на невработени што бараат владина помош поради невработеност минатата недела опаднал за 27.000, на 300.000. Оваа бројка е близу рекордната во последните седум години, забележана пред три недели - показател дека има се` помалку отпуштања од работа.
XS
SM
MD
LG