Линкови за пристапност

Невработеноста во САД најниска последниве четири години


Според најновата владина статистика; па сепак, без работа и натаму се 11,7 милиони Американци.

Минатиот месец во САД биле отворени 165,000 нови работни места, а стапката на невработеност опаднала од 7,6 на 7,5%, според денес објавените податоци од Бирото за трудова статистика. Ова е најниско ниво на невработеност од 2008-ма година - наваму. Кусо време по објавувањето на веста, берзите забележаа скок: индустрискиот просек на Доу Џонс се качи над 15.000, а индексот на Стандард енд Пурс 500 - над 1.600.

Највеќе нови работни места има во професионалните и деловни услуги. Бројот на нововработени пораснал и во продажбата, услужните дејности и здравствената заштита, но не и во производството.

Владините економисти наведуваат и дека во февруари и март биле отворени повеќе работни места отколку што претходно се мислело. Па сепак, дури и со таквот напредок, без работа и натаму се 11,7 милиони Американци. Од нив, над четири милиони веќе шест месеци и подолго бараат работа.

Алан Кригер, кој претседава со групата економски советници на претседателот Барак Обама, коментираше дека најновите податоци покажуваат дека економијата продолжува да закрепнува, вадејќи се од, како што рече, голема дупка. Тој смета и дека закрепнувањето би одело и побргу, доколку Конгресот ги укине произволните буџетски кратења и ги замени со предлогот на Кабинетот на Обама за комбинација од кратења и инивијативи за промоција на производството, како и отворање на нови работни места преку влевање на средства во инфраструктурни проекти.

Коалицијата РЕЈТ, деловна организација која се залага за даночна реформа, оцени дека податоците во најновиот владин извештај се добредојден исклучок во, гледано генерално, „мекиот економски растеж“.

Аналитичарката Хајди Ширхолц од Институтот за економска политика, пак, смета дека стапката на новоотворени работи места е разочарувачка, бидејќи ќе бидат потребни пет години да се дојде на нивото на невработеност пред да започне кризата.
XS
SM
MD
LG