Нови податоци од пописот покажуваат дека приходите на американските семејства пораснале за повеќе од пет проценти во во 2015-та година, што е знак за аналитичарите дека државата се опоравила од глобалната рецесија која започна во 2007-ма година.
Податоците од анализите покажуваат дека зголемувањето од 5,2 отсто се однесува на сите региони во државата и на сите возрасни групи, со што се става крај на осумгодишната стагнација на приходите. Освен тоа резултатите говорат и за намалување на сиромаштијата во земјата за 1,2 отсто, што значи намалување за 3,5 милиони, на околу осум проценти – што е најголемо едногодишно намалување за близу половина век.
Четириесет и три милиони Американци живееја во сиромаштија во 2015-та година, што е 3,5 милиони помалку во споредба со 2014-та. Бројот на Американци,пак, без здравствено осигурување продолжи да опаѓа низ годините, за 1,3 проценти достигнувајќи ниво од малку повеќе од девет проценти.
И покрај зголемувањето на приходите, податоците покажуваат дека просечните приходи се` уште се пониски во споредба со 2007-ма, годината кога невработеноста почна нагло да се зголемува, а пазарот на недвижнини падна.
Кризата ја предизвика големата рецесија во 2008-ма, влијаејќи и на пазарите во Европа и Азија. Работните места беа намалени, а се кратеше и на државните служби во САД и во странство.
Податоците покажуваат исто така и зголемување на просечните приходи во латиноамериканските домаќинства за 6,1 отсто помеѓу 2014-та и 2015-та. Останатите домаќинства на белци и црнци бележат пораст од 4,4 и 4,1 отсто. Азиските домаќинства бележат највисок пораст на приходите од сите етнички заедници во 2015-та, иако приходот не е значително повисок од оној во 2014-та.
Најмногу пораснале приходите на западот на САД, за 6,4 отсто, додека пак во јужните држави е забележан најнизок пораст, помалку 3 отсто.
Аналитичарите очекуваат дека овие податоци ќе бидат во фокусот на тековната претседателска кампања во САД, со сегашниот повисок просечен семеен приход во споредба со 2009-та година, кога Обама дојде на чело на државата.