Иако новата регулатива нема да дојде уште за неколку месеци, а може и години, долгоочекуваните правила би отвориле нова ера во која малите, комерцијални беспилотни летала, тешки помалку од 25 килограми, може да извршуваат задачи како мониторинг на посеви и инспекции на мост или далновод.
Операторите на беспилотните летала треба да положат испит за да добијат специјална диплома за пилотирање со нив, леталата мора да бидат активни само преку ден, со брзина од 160 километри на час или помала, да бидат на надморска височина под 152 метра, останувајќи видливи за авионите.
Корисниците мора да бидат на 17-годишна возраст или постари, леталата не смеат да бидат над луѓе и да не бидат во близина на аеродроми. За новинските организации и натаму ќе важи забраната да прават снимки со нив.
Најновата верзија на правила вклучува и забрана на компании како Амазон да доставуваат пакети користејќи ги овие летала. Сепак, со напредокот на технологијата, овие правила може да бидат модифицирани.
Побарувачката за беспилотни летала ширум светот е во пораст, а комерцијалните бенфиции се огромни. Леталата може да ги намалат трошоците, да елиминираат ризични работни места и да поттикнат иновација.
Тод Куртис, основач на AirSafe.com, со седиште во Сиетл, вели дека предложените правила се разумен прв чекор:
„Технологијата на беспилотните летала се развива со брзо темпо, што Федералната воздухопловна служба со најдобра намера да реагира брзо, ќе биде прегазена од технологијата. Тоа значи да се издадат некакви упатства ќе создаде сензибилитет за тоа што комерцијалните организации сакаат да направат со нив.“
Куртис додава дека беспилотните летала ќе ги заменат пилотите во авиони за некои работни задачи, како прскање на земјоделските полиња, набљудување на шуми, нафтоводи и далноводи, со што ќе се избегне пилотите да се ставаат во ризични ситуации.
Администраторот на Федералната воздухопловна служба, Мајкл Хуерта вели дека агенцијата ќе користи јавните образовни кампањи за да ги спроведе новите правила, штом ќе бидат усвоени. Агенцијата продолжува да работи на правила за поголеми беспилотни летала, но за нивно донесување ќе бидат потребни години.
Додека правилата на Федералната воздухопловна служба се креирани да го балансираат економскиот потенцијал на беспилотните летала со безбедноста на авијацијата, Белата куќа во неделата објави меморандум што бара федералните агенции да кои употребуваат беспилотни летала да бидат транспарентни и да ги заштитуваат граѓанските слободи.
Документот налага и партнерство на јавниот и приватниот сектор во креиарање на кодекс на однесување во комерцијалната употреба на беспилотните летала.