Линкови за пристапност

МВР прими опрема од САД вредна 142 илјади долари


Наменета за опремување на новоформираните единици за криминалистичко разузнавање и анализа на ризик.

142 илјади долари е вредноста на опремата што денеска ја доби Министерството за внатрешни работи на Македонија од Амбасадата на САД.

Двогледите со долг опсег, уредите за вршење на преглед, пејџерите за откривање на радијација, компјутерите и опремата за симултан превод се наменети за опремување на новоформираните единици за криминалистичко разузнавање и анализа на ризик, што, според Министерството, е во согласност со современите технички стандарди во борбата против меѓународните закани и прекуграничниот криминал, како што налага позитивната пракса на ЕУ и насоките за анализа на ризик од Фронтекс и Зaедничкиот интегриран модел за анализа на ризик на земјите на Европската Унија.

Оваа 11-та донација во опрема од страна на САД во последните три години е во рамки на Програмата за контрола на извозот и гранична безбеднсот (EXBS), а на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и на директорката на Царинската управа на Македонија Наташа Радеска Крстевски им ја предаде амбасадорот на САД во земјава, Пол Волерс.

„Оваа програма 10 години дава помош во Македонија и за овој период обезбеди помош на Македонија во вредност од 7 милиони долари во вид на донации на опрема и обуки. Тука е и EXBS - спонзорирањето преку 100 обуки за повеќе од 1.200 службеници од институциите на нашите партнери во Министерствата за економија, финансии, надворешни работи и внатрешни работи“, рече американскиот амбасадор на денешната церемонија на примопредавање во хотелот „Александар Палас“.

Според него, опремата ќе го зголеми капацитетот на Граничната полиција и Царинската управа во надзорот на границите, патролите и операциите за пресретнување, борбата со прекуграничниот криминал и тероризам, откривањето на радијација, идентификувањето на оружје за масовно уништување и сличен материјал, и спроведувањето на примарни и секундарни инспекции на граничните премини.

„Безбедните граници многу придонесуваат кон внатрешната и регионалната безбедност, а денешната донација го отсликува силното партнерство помеѓу EXBS и Владата на Македонија“, рече Волерс.

За министерката Јанкулоска пак, оваа и сите претходни и идни донации се огромна помош за Македонија во евроатлантските интеграции.

„Интензивните реформски зафати во македонската полиција во сите сегменти од нејзиното функционирање реализирани во текот на изминативе години, во голема мера се должат на партнерството и помошта што МВР на РМ ја има од нашите пријатели од САД“, изјави Јанкулоска.

Во рамки на Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност за потребите на царината и граничната полиција (EXBS) од 2000-тата година наваму, преку амбасадата на САД во Република Македонија донирана е опрема во вредност од околу три милиони долари, од кои што 1,4 милион долари е опрема којашто најде свое место во секојдневното функционирање на полициските служби.

XS
SM
MD
LG