Линкови за пристапност

Зошто и црните и белите ученици во САД морале да бидат возени со автобус во училиште?


Претседателската дебата во САД отвори прашања за контроверзната мерка која била практикувана да се намали расната сегрегација

Првата демократска претседателска дебата во САД извади на површина децениско прашање за граѓанските права, односно возењето со автобус на деца во училишта со цел да се намали расната сегрегација.

Еден од клучните моменти во дебатата беше кога сенаторката Камала Харис му се спротивстави на поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден, поради неговиот став во минатото да не го поддржи возењето со автобус, практика што таа ја доживеала како ученичка во Калифорнија.

Ова прашање беше проблем на државно ниво во 1970-те години, но, генерално повеќе не е дел од јавната дебата со години.

Што значи практиката „возење со автобус“?

Оваа практика беше мерка во многу заедници во САД, кои се обидуваа да ја надминат расната сегрегација во јавните училишта.

По одлуката на Врховниот суд во 1954-та година, позната како „Браун против Советот за образование“, расната сегрегација во училиштата беше забранета.

Сепак, поради демографските трендови и домувањето, многу американски соседства останаа расно поделени, а учениците продолжија да одат во расно поделените училишта во нивните заедници.

На крајот на 1960-те и почетокот на 1970-те, судовите одлучија дека локалните власти не прават доволно за да ја промовираат десегрегацијата во училиштата, по што почнаа да ја наложуваат како задолжителна мерката „возење со автобус“, со цел да го адресираат проблемот.

Кој беше опфатен со оваа мерка?

И белите и црните ученици беа возени со автобус. Белите во училишта со мнозинство црни ученици, додека црните во доминантно бели училишта.

Сепак, авторот на книга за сегрегацијата во сојузната држава Делавер Брет Гадсден, вели дека црните ученици биле принудени да патуваат на подолги релации и многу повеќе години за разлика од белите.

Зошто оваа мерка е контроверзна?

Поддржувачите сметаат дека мерката била неопходна за интеграција во училиштата, како и да им се даде и на белите и на црните ученици еднаков пристап до ресурси и можности.

Критичарите, пак, велат дека оваа мерка била опсна и скапа, и оти многу родители не се согласувале нивните деца да патуваат на делечни релации за да стигнат во училиште.

Иако, најголем дел од противниците на оваа мерка беа бели, сепак и црнечката заедница беше поделена по ова прашање.

Во 1974-та година во Бостон избувнаа насилни протести против оваа практика, при кои беа нападнати училишни автобуси.

Ставот на Бајден

Бајден беше нов сенатор од Делавер во 1970-те години. Заедно со конзервативните сенатори, работел против оваа задолжителна мерка на национално ниво.

Во интервју во 1975-та година, Бајден вели дека не се согласува со концептот популарен во 1960-те.

„300 години ги потиснувавме црните мажи, и белите сега се далеку напред во се` што заедницата нуди. Со цел да им дадеме рамноправен терен, мора да им дадеме предност на црните мажи за да ја изедначиме трката“, изјави тогаш Бајден.

За време на демократската дебата, Бајден ја бранеше неговата позиција против задолжителното возење со автобус, велејќи дека не бил против волонтерско прифаќање на оваа мерка.

„Не се противев на возењето со автобус, туку на возењето со автобус наредено од Одделот за образование“, рече Бајден.

Училиштата денес

Иако некои заедници се` уште поддржуваат волонтерско возење во училиште, напорите за промоција на оваа мерка пропаднаа на почетокот на овој век.

Многу локални и федерални судови во 1990-те години заклучија дека оваа мерка допринела за успешна интеграција во училиштата во повеќе заедници, и оти програмата треба да заврши.

По претседателската дебата, сенаторката Харис беше критикувана дека нејзиниот став не се разликува од оној на Бајден, бидејќи таа рече дека не би поддржала задолжително федерално возење со автобус, освен ако заедницата се противи на оваа мерка како во 1970-те.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG