Линкови за пристапност

Демократските претседателски кандидати дебатираа за надворешната политика и климатските промени


Кандидатите на сцената го критикуваа американскиот претседател Трамп за пристапот во надворешната политика обвинувајќи го дека се оддалечува од традиционалните сојузници

Постапката за импичмент на претседателот Доналд Трамп поради наводите за вршење притисок врз Украина, е доминантна тема во Вашингтон и прва тема на синоќешната дебата во Атланта на демократските претседателски кандидати за изборите во 2020 година.

Кандидатите на сцената беа обединети во поддршката за истрагата за импичмент и нивното спротивставување на претседателот надевајќи се дека ќе бидат негов противник кога гласачите ширум државата ќе излезат на гласање за една година од сега.

Ваков дух беше присутен во голем дел од дебатата, при што кандидатите трошеа помалку време зборувајќи еден за друг, за разлика од претходните дебати, истовремено истакнувајќи ги ставовите за кои во голема мерка се согласуваат.

Сенаторот Берни Сандерс го нарече Трамп можеби најкорумпираниот претседател во современата американска историја. Тој посочи на економските предизвици со кои се соочуваат оние на кои им недостига здравствено осигурување или домување и на „егзистенцијалната криза“ поради климатските промени.

Сенаторката Елизабет Ворен посочи на претходната истрага од страна на специјалниот советник Роберт Мулер, кој го испитуваше руско мешање на претседателските избори во 2016 година и дали Трамп се обидел да ја опструира истрагата. Ворен рече дека недостатокот на конгресна акција за тоа прашање го охрабрил Трамп во актуелниот скандал, во кој се соочува со обвинувања дека се обидел да изврши притисок врз Украина за да го истражи поранешниот потпретседател Џо Бајден, кој е негов водечки политички ривал.

Бајден рече дека, доколку биде избран за претседател, тој нема да се меша во донесувањето одлука дали Одделот за правда да врши истрага за Трамп за какви било потенцијални кривични пријави и дека таа одлука ќе ја препушти на независната проценка на јавниот правобранител. Бајден, исто така, рече дека е потребно „враќање на цивилизираноста“ и обединување на земјата.

Сенаторот Кори Букер исто така ја поддржа идејата следниот претседател да биде некој што ја зближува нацијата, но рече дека тоа не се постигнува со некаков убав момент кај американскиот народ, туку заедничко работење за да се постигнат „одлични работи“.

Кандидатите на сцената го критикуваа Трамп за пристапот во надворешната политика обвинувајќи го дека се оддалечува од традиционалните сојузници и се однесува како несигурен партнер.

Бајден рече дека, како претседател, тој ќе се погрижи Соединетите држави да ги обноват сојузите од времето пред Трамп да стане претседател, вклучително и Парискиот климатски договор. Бајден рече дека климатските промени се „егзистенцијална закана број еден за светот“.

Сенаторката Камала Харис ги критикуваше состаноците на Трамп со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, велејќи дека американскиот лидер „се излажал“ и „тргувал со фотографии за ништо“.

Градоначалникот од Саут Бенд, Индијана, Пит Бутиџеџ ја нападна конгресменката од Хаваи, Тулси Габард, поради средба со „убиствениот“ диктатор Башар ал Асад за време на патување во Сирија во 2017 година. Габард одговори дека Бутиџеџ нема храброст да седне со американските непријатели и да бара заедничка основа.

Милијардерот Том Стојер се промовираше како кандидат кој најмногу се фокусира на климата, велејќи дека тој ќе ја искористи моќта како претседател да прогласи „вонредна состојба првиот ден“ откако ќе стапи на функција.

Од аспект на економијата, сенаторката Ејми Клобучар рече дека иако демократите треба да „размислуваат на големо“ кога станува збор за идеи за земјата, сепак имаат обврска да бидат фискално одговорни и „да бидат искрени за тоа за што можеме да платиме“. Клобучар ја критикуваше Ворен дека предложила многу социјални програми, без да покаже како би плаќала за нив, освен со „данок на богатството“ на најбогатите Американци.

Харис ја повика да се фокусира на проблемите имајќи современ поглед на нив. Таа рече дека е приоритет воспоставување на платено семејно отсуство со оглед на трендот жените да имаат деца во подоцнежни години од животот, време, вели таа, кога е поголема веројатноста да се грижат и за нивните родители.

Следната дебата на демократите, шеста по ред, ќе се одржи на 19 декември во Лос Анџелес.

Кандидатите се соочуваат со строги барања за да го обезбедат своето место на сцената. Тие мора да освојат барем четири проценти поддршка на националните анкети или шест проценти на раните државни анкети, додека истовремено добиваат донации од 200.000 поддржувачи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG