Линкови за пристапност

Продолжува препирката Обама – републиканци


Продолжува препирката Обама – републиканци
Продолжува препирката Обама – републиканци

Доколку не биде постигнат договор до 2-ри август, САД во опасност да не можат да отплатат дел од националниот долг.

Претседателот Барак Обама и опозиционите републиканци меѓусебно побараа сериозни планови за решавање на финансиските проблеми на земјата.

Во прес-конференција пренесувана во живо на телевизија, Обама повтори дека е подготвен да земе предвид кратење во популарните социјални програми како пензиите и здравствената заштита и помошта за воените ветерани. За возврат, тој побара од републиканците да гласаат за повисоки даноци за најбогатите Американци и големите корпорации.

Двете страни навидум се далеку од спогодба за зголемување на крајната граница на кредитот што владата може да го земе, а што сега изнесува 14.3 трилиони долари. Доколку не биде постигнат договор до крајниот рок на 2-ри август, САД ќе бидат во опасност да не можат да отплатат дел од долгот. Во таков случај, кредитните агенции велат дека би го намалиле кредитниот рејтинг на САД. Обама кажа дека то би донело повисоки каматни стапки, што, пак, би наштетило на економскиот растеж.

На претходна прес-конференција, претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Џон Бејнер кажа дека телото наредната недела ќе гласа за мерка од 2.4 трилиони долари за зголемување на границата на кредитот. Оваа мерка што ја предложија републиканците налага кратење на трошоците, краен праг колку може да се потроши воопшто, како и дополнување на Уставот со ставка што налага балансиран буџет.

Претседателот Обама реагираше дека така длабоки кратења без нови приходи значат дека ќе треба да се направат неприфатливо големи кратења во програмите што се витални за голем број Американци. Тој рече и дека на луѓето на функција не им е неопходен уставен амандман за да донесат фискални одлуки што се дел од нивната работа.

XS
SM
MD
LG