Линкови за пристапност

Американците се` позаинтересирани да ја посетата Куба


Постојат одредени ограничувања за патувања, некои од нив ќе бидат укинати, но според експертите, тоа нема да претставува проблем

Претседателот Барак Обама наредниот месец планира да ја посети Куба. Ова ќе биде прв пат по речиси 90 години, еден лидер на САД да ја посети оваа земја.

Информацијата од Белата куќа пристигна по официјалниот договор порано неделава, за продолжување на редовниот комерцијален авионски сообраќај меѓу двете земји, за прв пат по повеќе од 50 години. Сето ова се очекува да се финализира во наредните шест месеци.

Во меѓувреме, Американците патуваат во Куба, што е случај и последниве неколку години. Постојат одредени ограничувања за патувања, некои од нив ќе бидат укинати, но експертите велат дека тие не претставуваат проблем.

Една од клучните категории за патувањата во Куба е образовната, а целта е натамошно разбирање на кубанскиот народ и кубанската историја.

За време на претседателствувањата на Клинтон и на Обама, непрофитната организација „Роуд сколар“, организираше патувања на Американци во Куба на редовна основа. Се работи за академско искуство наменето за постари лица.

Џим Мосес, директор на „Роуд сколар“, вели дека Куба не е како повеќето туристички дестинации.

„Сметам дека ова е уште еден чекор напред во нормализирање на односите“, вели тој. „Од друга страна, љубопитен сум за тоа што ќе се случи кога луѓето ќе се најдат во авион и ќе пристигнат во Куба, затоа што не е лесно човек сам да се движи низ земјата, не дека е опасно, но навистина има мошне ограничена инфраструктура“.

Мосес додава дека проблем може да бидат и парите.

„Не е дека може да влезете во продавница и да ја употребите вашата кредитна картичка. Технички, се` уште не постои. Во основа се работи за економија којашто функционира на принципот на готовина. Доколку Американците патуваат во Куба и се целосно информирани за тоа што се случува, можно е се` да биде во ред, но не е толку едноставно.

Мосес уште вели дека сите заинтересирани за да патуваат во Куба, треба да обрнат внимание и на сместувањето, бидејќи хотелската инфраструктура е исто така мошне ограничена.

Неговата организација со седиште во Бостон, Масачусетс, е активна веќе седум години, има свои контакти, договори и листи на хотели кои ги претпочита, како и автобуски компании и ресторани. Ги спојува влијателните кубански дипломати, архитекти и други професионалци и работници, со неговите туристички групи и секој има можност да го сподели своето искуство. „Се чини дека се подигнува завесата и одите зад сцената на животот во Куба“, вели Мосес.

Генерално, повеќето експерти веруваат дека американските корпорации во оваа земја гледаат огромни можности, а американскиот бизнис ќе согледува како компаниите ќе ја искористат таа предност, кога ќе биде поволно време за тоа.

Мосес вели дека лично ја познава Куба мошне добро. „Има премногу можности, земјата е зрела за развој на различни начини. Мислам дека ќе има голем интерес, и веќе има голем интерес“, додава овој експерт.

XS
SM
MD
LG