САД денес ја отстранија Куба од „црната“ листа на држави - спонзори на тероризмот, во уште еден обид да ги обноват дипломатските односи по пет децении напнат застој.
Кусо време по средбата со кубанскиот претседател Раул Кастро во април годинава, американскиот претседател Барак Обама ја објави намерата да ја отстрани Куба од листата, а двете земји во меѓувреме работеа во насока на отворање на дипломатски претставништва во Вашингтон и Хавана. Согласно законот, американскиот Конгрес имаше рок од 45 дена да ја оспори одлуката, но не го стори тоа. Тој рок истече денес и државниот секретар Џон Кери формално ја отстрани Куба од листата. САД соопштија дека се` уште постои „значителна загриженост и несогласувања за голем број на кубански политики и постапки“. Па сепак, Стејт департментот соопшти дека Куба во изминатите шест месеци не поддржувала меѓународен тероризам и дека дала гаранции на САД дека така ќе продолжи и во иднина, што е критериум за отстранување од листата.
Ваквиот америакански потег на Куба може да и` овозможи поголем пристап до глобалните финансиски пазари и кредити од глобални финансиски организации каква што е Светската банка.
Американски и кубански дипломати последниве месеци разговараат за подобрување на трговските, образовните и транспортни врски меѓу двете земји. САД ги прекинаа дипломатските односи откако кубанскиот револуционер Фидел Кастро презеде контрола врз земјата во 1959-та, во климаксот на Студената војна. Па сепак, кон крајот на минатата година, обете земји најавија одмрзнување на односите.
На листата на Стејт департментот и натаму остануваат три земји: Иран, Судан и Сирија.