Како претседателски кандидат, Доналд Трамп вети дека ќе поништи некои делови од историскиот договор меѓу САД и Куба со кој беа обновени односите меѓу двете држави по 50 години прекин. Тој кажа дека договорот од 2014-та година постигнат помеѓу претседателите Барак Обама и Раул Кастро е „едностран“ и е во корист на комунистичката влада.
Откако ја презеде претседателската функција, сега Трамп се очекува да постави нови барања за владата во Хавана, и најверојатно тоа ќе го стори за време на посетата на Мајами, Флорида планирана за петок.
Државниот секретар Рекс Тилерсон, неделава најави дека администрацијата на Трамп планира да го обнови „притисокот врз комунистичкиот режим“ со затегнување на некои од правилата за трговија, како и за патување, што стана полесно под Обама.
Зборувајќи во Сенатот на распит за буџетот предложен за Стејт департментот, Тилерсон рече дека „идејата е да се овозможи продолжување на поголем дел активностите на ангажман“.
Сепак, тој додаде дека „постигнавме малку во однос на промената на однесувањето на режимот во Куба и третманот на граѓаните во државата. Сакаме да го промениме тоа“.
Извори запознаени со политиката на ревизија, велат дека новите чекори најверојатно ќе вклучи забрана на американските бизниси да работат со кубански компании поврзани со армијата - која контролира најголем дел од економијата на островот, како и ограничување на патувањето на Американци во Куба.
Барањата на администрацијата на Трамп за Хавана може да вклучува поширок пристап до Интернет и ослободување на затвореници, јави агенцијата Асошиетед прес.
Обама го олабави економското ембарго со извршни наредби, кои Трамп лесно може да ги отповика. Единствено Конгресот може формално да го укине ембаргото воведено во 1962-ра година.
Двајца американски републикански законодавци со кубанско потекло од сојузната држава Флорида, сенаторот Марко Рубио, член на Комисијата за разузнавање која ја истражува руската вмешаност во изборната кампања во 2016-та година и Марио Дијаз-Баларт, член на Комисијата за апроприации во Претставничкиот дом, се залагаат за построги услови за Хавана, и најверојатно ќе го придружуваат претседателот во Мајами.
Најголемата забелешка за Куба е почитувањето на човековите права. Од „Хјуман рајтс воч“ велат дека кубанската влада продолжува со репресивниот однос спрема дисидентите и оние кои го критикуваат режимот.
Facebook Forum